Д-р Катерина Игневска – Многу брзо ќе се соочиме со пандемија на инфекции на кои антибиотиците нема да делуваат

Дневна доза здравје

ноември 23, 2021

Нерационалната употреба на антибиотиците не е нова појава, но во време на КОВИД пандемијата се започна со масовна злоупотреба на овие лекови што со енормна брзина не носат во т.н постантибиотска ера, вели во разговор за „Локално“, д-р Катерина Игневска микробиолог од Жан Митрев Клиник.

Микробиологот објаснува дека многу брзо ќе се соочиме со инфекции предизвикани од микроорганизми на кои достапните антибиотици воопшто нема да делуваат.

-Полека но сигурно чекориме кон пандемија во која бактериските инфекции кои не беа сериозна закана затоа што ги имавме антибиотиците како силно оружје, сега веќе ги губиме, а со тоа и битката со бактериските инфекции, објаснува Игневска.

Докторката нагласува дека со превентивното пиење на антибиотиците се создава катастрофална ситуација која со себе носи огромна отпорност и нивно неделување.

-Има протоколи кога и кај кои пациенти се дава антибиотик превентивно. Тоа се специфични процедури кои се изведуваат во болница. При ваков случај се знае точно кој антибиотик, кога, во која доза и колку долго треба да се прима за да го сметаме за превентива. За жал, со ова што се случува денес, достапноста и превентивното пиењето антибиотик во домашни услови, а особено антибиотици од широкоспектарен тип кои вообичаено се даваат само во болниците, се креира една иреверзибилна катастрофална ситуација која со себе носи огромна отпорност и неделување на постоечкиот арсенал антибиотици, вели микробиологот, додавајќи дека антибиотик се дава кога имаме потврдена бактериска инфекција.

-Исклучиво, повторувам исклучиво бактериските инфекции се лекуваат со антибиотик. Но ова како да се заборави, па иако согласно етиологијата на КОВИД пневмонијата – каде причинителот е вирус, прв лек кој се пишува како третман е токму антибиотик. Во однос на пробиотиците, доколку имаме краткотраен курс на антибиотска терапија и не е неопходно да се зема пробиотик, истото може да се постигне и со природните пробиотици кои ги има во секојдневната исхрана на пример јогурт. Но, доколку станува збор за подолготрајна антибиотска терапија со антибиотик со широк спектар на дејство, тогаш земањето пробиотик е оправдано, подвелкува Игневска.

Таа вели дека во случаевите кога антибиотиците често се даваат треба да се измери користа наспроти штетата, бидејќи како што објаснува “секој лек во исто време е и отров“.

-Покрај корист, кога се дадени соодветно-тогаш кога е неопходно, антибиотиците имаат и бројни несакани ефекти. Тие може да предизвикаат токсични реакции, реакции на преосетливост, една од позначајните во моментов – механизми на резистенција и креирање на мултирезистентни бактериски соеви, и секако многу значаен постантибиотскиот колит – кој може да доведе до многу сериозна здравствена состојба, смета микробиологот.

Во однос на тоа дали граѓаните треба да бараат од своите лекари да им препишат антибиотик „за секој случај“ или да си ги купуваат на своја рака, Игневска децидно вели дека пациентот кој ја доверил грижата за здравјето на лекарот каде се прегледува, треба да го испочитува и неговото знаење.

-За пациентите добар лекар е тој што ќе им даде антибиотик. Но, всушност умешноста на лекарот се состои во тоа да му објасни на пациентот кога му е потребно антибиотик и да го предупреди пациентот кои се позитивните и негативните страни, односно штетата од непотребното земање на антибиотици. Улогите на доктор-пациент се јасно поделени. Не се пациентите тие кои треба да,,бараат,, терапија, туку напротив тие доаѓаат за совет и објаснување кај својот лекар. Доколку пациентот ја доверил грижата за здравјето кај тој лекар, треба да го испочитува неговото знаење, искуство и совети, секако за негово добро, објаснува таа.

Докторката објаснува дека дeцата кога примаат антибиотици во комбинација со кортико-препарати потребно е да внесуваат витаминска исхрана.

-Како и секогаш кај децата исхраната е многу важна. Секако треба да се земат в предвид како калорискиот внес така и витаминскиот. Препорачливо е внесот на витамини да биде преку храна – кога е тоа возможно и достапно, на здрав начин без непотребно додавање на сирупи – витамини и суплементи. Многу е важна постојаната нега на децата, вниманието кое им го посветуваме и љубовта со која се грижиме за да бидат тоа здрави деца, објаснува микробиологот.

За тоа како може да ги разликуваме сезонските настинки и грипот од ковидот, Игневска посочува дека секогаш кога ќе се појават симптоми на горно респираторно заболување треба да бидеме внимателни.

-Со оглед на тоа дека сите тие почнуваат неспецифично, а и сведоци сме на модификации на клиничката слика, секогаш кога ќе се појават симптоми на горно респираторно заболување треба да сме многу внимателни бидејќи се уверивме сите дека правило нема. Предизвикувачот на КОВИД инфекцијата е високо контагиозен (заразен) вирус и наша одговорност при сомнение за инфекција е да останеме дома и да ја потврдиме или исклучиме истата со тест како би спречиле понатамошно пренесување на лица во околината. Но, не треба целиот фокус да биде насочен само кон КОВИД, бидејќи секогаш постоеле и ќе постојат и други вирусни и бактериски инфекции кои не се за потценување, вели микробиологот.

Д-р Катерина Игневска
Специјалист по микробиологија

Извор – Lokalno.mk