Децата од градинката „Пиколини“ успешно ја одиграа улогата на доктори

Настани

ноември 22, 2017

 

Дваесетина деца од интернационалната градинка „Пиколини“ беа вистинска атракција во Жан Митрев Клиник при нивната неодамнешна посета. Додека се облекуваа во специјалните наметки, возбудата кај нив растеше, а некои од нив веќе „влегоа“ во улогата на доктори. Позитивната енергија која ја носеа со себе ја проширија низ чекалната додека се подготвуваа да влезат кај докторките од педијатриската служба во болницата. Д-р Наташа Никчевска и д-р Соња Петрова, педијатри во болницата ги запознаа најмалите со потребата од внесување на здрава и редовна исхрана, но исто така добија информации и за тоа како изгледа еден педијатриски преглед во болницата. А детската љубопитност беше присутна за цело време, па некои од нив и извршија преглед на другарчето со стетоскопот на д-р Наташа. Несомнено, тие успешно се снајдоа во улогата, а на децата кои изразија желба да бидат вистински доктори еден ден, им посакуваме реализација на истата.

Децата беа запознаени и со работата во ресторанот и кујната каде се подготвуваат нивните омилени оброци, а посетата ја заокружија со десерт и освежување во ресторанот „Пулс“.