00389 2 3091 484
септември 14, 2017
Студентки од шеста година на Факултетот за медицина при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип се на едномесечна пракса во ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКА. Пред завршувањето со оваа обврска разговаравме со нив за впечатоците, искуство кое го стекнале во овој период…
Моника Блажевска и Андријана Николовска првпат биле во болницата за време на студентската посета која ја имале претходно. „Посакуваме еден ден да бидеме, барем на кратко, дел од овој тим, од оваа болница. Макар и како практикантки“, зборуваше Моника.“ За среќа, тоа и ни се оствари кога аплициравме и бевме одбрани да ја поминеме практиканската работа во овој современ медицински центар“, дополни Андријана.
„Презадоволни сме“, со еден збор го дефинираат нивното искуство кое го стекнале низ одделите во болницата. За Моника најголем впечаток е праксата која ја стекнала во одделот за полуинтензивна нега. „Се е на највисоко ниво. Посебен однос имаат кон пациентите, а при тоа е воспоставен исклучителен колегијален однос помеѓу персоналот. Постојано сме вклучени во работа и вниманието кое го добиваме од персоналот е за поздравување. Тоа го нема ниту во една друга клиника, особено не во државните институции“, дополнија тие. Особена благодарност искажаа кон доц. Д-р Милка Клинчева која несебично споделува медицинско знаење со нив и ги вклучува во секојдневната работа на одделот за полуинтензивна нега. Но, благодарност имаат и кон нивниот ментор д-р Емил Стоицовски. „Д-р Никола Кљусев како и д-р Симона Кригер се секогаш отворени за споделување на медицински знаења со нас, но исто така би ја истакнале и соработката со физиотерапевтите Никодин и Виктор, како и целиот средно медицински персонал. Севкупно, беспрекорно функционираат и тоа е за истакнување“, дополнија двете практикантки.
Хирургијата им е предизвик и сакаат еден ден да бидат успешни во оваа област. Затоа и се фасцинирани од стручноста и начинот на функционирање на хирурзите во ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКА, кое го утврдиле при присуството на кардиолошки, гинеколошки и абдоминални операции… Имале можност да се сретнат со д-р Жан Митрев. „Перцепцијата за строг доктор која ја имавме претходно ја сменивме од моментот кога првпат се запознавме и поразговаравме со д-р Митрев. Тоа всушност е толку едноставен, со големо срце и гостопримлив што е дополнителна вредност за да бидеме дел од овој тим и да учиме од најдобрите“, завршија студентките.
Посветеноста е нивна доблест, а желбата да научат повеќе ќе им донесе успех. Им посакуваме нивниот сон да бидат дел од тимот на д-р Жан Митрев да им се оствари до крај!