00389 2 3091 484
април 04,2018
На третиот настан од акцијата „Нахрани го својот ум“ („FEED YOUR BRAIN“) којшто се одржа во Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, главен говорник беше доктор Жан Митрев кој во еден инспиративен говор ги презентираше најважните сегменти на мотивацијата, што всушност беше и главната тема на целиот настан. Младите студенти од Штип и околината слушнаа повеќе за центрите на мотивацијата, информации од најновите истражувања на оваа тема, а дознаа и многу повеќе за тоа што е битно за да еден човек биде мотивиран, да работи, да учи, да твори.
Говорот на д-р. Жан Митрев побуди широка дебата кај младите кои се интересираа за сите оние сегменти од животот за кои неминовно е потребна мотивација. Доктор Митрев ги објасни главните патишта за настанување на мотивацијата како и целиот ефект што понатаму го имаат тие во животот на една индивидуа.
– Мотивацијата во светски рамки е нешто што се смета како топ тема, со која се бават најпаметните од овој свет. Посебно внимание се посветува на тоа „Како да се подобри мотивацијата“. Мотивацијата чини многу пари, и огромни фирми коишто постојат на овој свет се занимаваат токму со главното прашање – Како да се мотивираат луѓето за да бидат креативни? На почетокот би кажал дека мотивацијата и мозокот се неразделни. Податоците говорат дека 30 проценти од енергијата којашто ја користиме, ја користи мозокот. Без разлика што мислите, тој си работи и троши енергија. Така да тука имаме склоп од многу работи коишто дирекно влијаат на она што го правиме и на она што ние како поединци донесуваме заклучи или некакви одлуки. На сите нас основно нешто ни е да имаме успех во нешто што го работиме, а за тоа е потребна мотивација – потенцираше доктор Митрев.
Во понатамошниот свој говор тој се осврна на внатрешната и на надворешната мотивација како и на демотиваторите, навиките, и генерално на патот којшто треба да се помине за личноста да биде мотивирана.
По доктор Митрев како говорници пред студентите се обратија и Бранко Огњановски – основач, режисер и сценарист на хумористичното ТВ шоу К-15, а сегашен креатор и уредник на порталот panika.be, и автор и извршен продуцент на ТВ емисијата „Фчерашни Новости“, како и Снежана Лупевска Созен – автор и продуцент на емисијата „КОД“, и уредник во ТВ Телма
Инаку целта на акцијата „Нахрани го својот ум“ е преку серија мотивациски говори на успешни, македонски личности од јавниот живот, бизнис секторот, здравството и уметноста, студентите да имаат можност директно да ги добијат одговорите на темите кои ги засегаат. Акцијата „Feed your brain“ е реализирана од маркетинг агенцијата „Еден на Еден“ во рамките на иницијативата „Мрдни со прст“.