Доктори од Австралија и Нов Зеланд во Zan Mitrev Clinic

Настани

април 23, 2018

Група од 14 доктори од Австралија и Нов Зеланд ја посетија Zan Mitrev Clinic. Тие на своето еднонеделно патување низ Македонија заедно со својот туристички оператор одбрале да ја посетат токму нашата клиника како најдобар пример во државава за врвно здравство. Гостите не го криеја своето воодушевување од комплетниот систем и начин на функционирање на болницата како и од техничката опременост а секако и од медицинскиот кадар кој делумно и го запознаа во неколкуте часа додека беа во болницата.

– Фасцинирана сум од она што го гледам тука. Не очекував на Балканот да видам нешто вакво, нека ми опростат другите. Фасцинирана сум од доктор Жан Митрев кој, како што ни раскажа, прв се одлучил да направи ваква приватна болница пред многу години. Навистина е за поздравување како една таква идеја овој човек ја реализирал, во би рекла ваков совршен проект, кој е за доброто на сите не само во оваа држава туку и во регионот па и во целиот свет. На предавањата слушнавме за сите нови методи кои овде се практикуваат а посебно во делот на хирургијата а кои и кај нас во Австралија сè се уште новост. Целиот тим којшто го запознавме денеска ме воодушеви со посветеноста и жарот со кој зборуваше за својата работа и за болницата во која работат и ја чувствуваат како свој дом. Така треба! – ни изјави лидерот на групата доктори, Наоми Џејкобс, докторка од Австралија.

Во програмата за презентација подготвена за нив, болницата ја претставија доктор Жан Митрев, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов и д-р Никола Ѓоргов. Презентациите ги опфатија сите поважни историски моменти од почеток на основање на клиниката па се до сега, како и плановите за понатамошен раст и развој.

 

Докторите имаа свои излагања за проблематиките од своите области што побуди голем интерес на гостите по што следуваа многу прашања и се отворија дебати. Во посетата беше вклучена и обиколка на болницата во која беа покажани дел од амбулантите, салите, ресторанот, вип – апартманите како и системот за климатизација и прочистување на воздухот. Групата доктори по престојот во Македонија заминуваат во соседна Грција каде што ќе посетат една државна и една приватна болница. Во меѓувреме ќе уживаат во природните убавини на нашата држава.