00389 2 3091 484
ноември 20, 2025
Хидронефрозата, уште позната како блокиран бубрег е состојба при која поради пречки во бубрежниот канал, бубрегот не може да ја испразни урината од своето корито и доаѓа до застој, до степен на преполнување.
Симптомите зависат од степенот и начинот на преполнување и може да бидат акутни или хронични, парцијално или целосно затнати. Може да се манифестираат во форма на нагони за гадење и повраќање, покачена температура или треска, зачестена повремена и силна болка во слабината која се движи кон стомакот. Понекогаш може и да нема никаков симптом.
Оваа состојба не смее да се занемарува. Задолжителен е третман, бидејќи долгорочниот застој придонесува за намалена функција и оштетување на бубрезите.
Причините за блокирање на бубрегот може да се од различно потекло. Најчесто е предизвикано од постоење на камен во мочните патишта или чести уринарни инфекции. Понекогаш блокадата може да е вродена, или да станува збор за Ормондов синдром. Но можно е да е предизвикана и од тумори. Стеснувањето на мочоводите како резултат на третман со зрачна терапија во абдомен или мала карлица исто така предизвикува застој во бубрезите.
Доколку оваа состојба настане и во двата бубрега, тогаш се смета за ургентна состојба и мора итно да се третира, најпрво поради зачувување на бубрежната функција, но и поради навремено исфрлање на течностите од телото кои инаку би се задржале во нозете, белите дробови или абдоменот.
Во минатото оваа состојба секогаш се третирала со отворена хирургија, но по воведувањето на ендоскопските техники, третманот се врши преку природните отвори. Се мести т.н. џеј-џеј стент (J-J stent), односно цевче кое води од бубрегот до мочниот меур и има за цел да го празни блокираниот бубрег. Оваа метода која вклучува вградување на ваков стент во нашата болница се применува без пациентот да почуствува болка.
Во краткотрајна интравенска анестезија пациентот заспива и не чуствува ништо. Со цистоскоп се навлегува преку природните патишта. Откако ке се најдат отворите на уретерите (мочоводите од бубрегот до мочниот меур) се инстилира контраст во нив, при тоа со рентген се прават слики со цел да се визуелизира цел уретер. Со оваа снимка доста често можат да се видат и причинителите кои го затнуваат бубрегот.


Потоа се поставува хидрофилна жица, односно жица тенка колку влакно од коса за да може да ги надмине сите опструкции по патот, а воедно да не направи повреда по самите мочни патишта. Потоа по патот на жицата се поставува џеј-џеј стентот. Зафатот трае меѓу 30 минути и 1 час. По завршената интервенција пациентот си заминува дома.
Оваа метода може да се примени и кај трудници. Во тој случај или кај пациент ксј кој постои огромно стеснување, интервенцијата се прави со уретерореноскоп. Најпрво со мала камера се гледаат мочоводите и рачно камерата се води до бубрегот, воедно се гледаат и причинителите за настанување на стеснувањето, а потоа низ камерата се вметнува џеј-џеј стентот.
Доколку уринарните патишта се целосно блокирани и не постои никаква можност за воспоставување на пат до затнатиот бубрег тогаш понатамошниот третман опфаќа класичен хируршки зафат, каде со отворена метода се одвојува блокадата и се креира нов мочен пат на бубрегот со мочниот меур.

Постои и уште една метода која може да се примени. Тоа е перкутаната нефростома, односно привременото формирање на надворешен отвор на кожата низ кој блокираниот бубрег ќе се празни.
Оваа метода се изведува во локална анестезија под компјутерска томографија при што со игла се доаѓа до блокираниот бубрег. По патот на иглата се вградува ,,моно-џеј стент,, (MonoJ stent) или цевче преку кое бубрегот ќе се празни.
По ослободувањето на блокираниот бубрег, клучно е соодветно да се следи состојбата, односно да се прават редовни уролошки контроли со цел да се намалат ризиците за појава на инфекции, енкрустрации или непосакувани миграции на стентот.