Едноставни начини како да го намалите стресот на работното место

Дневна доза здравје

март 7, 2017

Работата е значаен сегмент од нашето живеење и на која одвојуваме минимум една третина од нашето деноноќие. Познато е дека современиот работник е прекинат во просек 7 пати во текот на еден час и е дефокусиран околу 2.1 час во текот на еден ден. Статистиката покажува дека 4 од 10 вработени кои работат за големи компании искусуваат големи корпоративни реструктурирања и заради тоа се соочуваат со несигурност во однос на нивната иднина. Токму ова е причината зошто голем дел од вработените лица имаат потешкотија да заспијат навечер. Товарот од изминатиот ден… Чувството на преплавеност и прекумерна зафатеност им го нарушува сонот…

Организациските психолози, консултанти и психотерапевти со години се обидуваат да изнајдат начини и применат методи за ефикасно и ефективно работење, а при тоа, вработениот да ја сочува енергијата до крајот од денот. Вложените напори за тоа како да останете смирени и покрај големите барања на работното место резултираат во следните препораки:

Делување наместо реагирање (Акција vs. Реакција) – во моментите кога чувствувате како да немате контрола над ситуацијата, тогаш доживувате и стрес. Затоа, неопходно е да ги идентификувате ситуациите кои можете да ги контролирате од оние кои не можете. При тоа, да бидете свесни дека имате контрола над Вашите активности и реакции, но не и врз макро силите или однесувањето на другите.
Вдишете длабоко – Доколку се чувствувате преплавено или излегувате изморено од некој тензичен состанок, потребно Ви е  да си ја разбистрите главата. Својот баланс може да го воспоставите повторно со пет минутно длабоко дишење, што воедно Ви помага и да се “втемелите” (термин кој во гешталт терминологија значи да се вратите во сегашноста и да се смирите).
Елиминирајте ги прекинувањата –  Електронски пораки, телефонски повици, “упади“ во канцеларија, неочекувани пораки и изненадни крајни рокови се само дел од нештата кои Ве прекинуваат во работата. Во вакви случаи, експертите препорачуваат да делувате на еден од следните три начини: да го прифатите прекинувањето, да го прекинете соговорникот или пак да ја процените важноста од прекинувањето и соодветно на тоа да го реорганизирате планот за работа.

Организирајте го својот ден оставајќи простор за енергија и фокус – повеќето од нас, во работата го применуваат пристапот на “туркање”, сметајќи  дека доколку работат цели 8 до 10 часа, ќе сработат многу повеќе. Ефектот е спротивен – продуктивноста се намалува, стресот се зголемува, а останува помалку енергија за социјален и приватен живот. Затоа е неопходно да направите неколку паузи во текот на денот, да се истегнете и направите вежби за дишење.
Јадете правилно и спијте доволно – нездравото консумирање на храна и депривацијата од сон го зголемуваат степенот на стрес кој телото го процесуира. Затоа, наспијте се, а својот организам  негувајте го со вкусни и здрави оброци.
Променете ја својата приказна – нашата перспектива за стресните настани на работното место е субјективна интерпретација на фактите, најчесто видени низ филтерот на нашиот сомнеж. Затоа, значајно е да направите чекор наназад и да пробате да ги видите нештата од пообјективен аспект. На тој начин ќе бидете многу поефективни , а работите помалку ќе ги доживувате лично.
Смирете се брзо – кога се чувствуваме фрустрирано или луто, чувството на напнатост води и кон реагирање на нештата. Наместо веднаш да реагирате, потребно е смирено да вдишувате на уста и метафорички да го редуцирате степенот на оваа “жештина”.
Идентификувајте го стресот кој сами си го наметнувате – значајно е да научите како да го контролирате и минимизирате стресот кој, најчесто самите си го наметнувате. Фокусирајте се на Вашата самодоверба наместо да барате одобрување од другите. Концентрирајќи се на тоа како другите Ве перципираат делува контрапродуктивно при ефикасното извршување на Вашата работа бидејќи не можете соодветно да реагирате на работите.
Поставување на приоритети – значајно е да поставувате приоритети така што ќе ја препознаете и разберете Вашата улога во организацијата, во стратешките приоритети на организацијата и во Вашите лични цели и капацитети.
Имајте влијание кај другите – иако самите сме одговорни за своето однесување и изглед, сепак секојдневно се соочуваме и со стресното однесување на нашите колеги. Од тие причини значајно е да се соочите со проблематичниот колега или вработен. При тоа, на смирен начин и со почит, истакнете го неговото однесување, опишувајќи го влијанието кое го има врз тимот и колегите и учтиво побарајте да се промени.
Бидете својот најдобар мотиватор – наместо да бидете строги и критички настроени кон себе, неопходно е да се мотивирате преку охрабрувачките мисли кои ќе Ве поттикнат да постигнете подобри резултати, а со тоа ќе бидете инспирација и за дртугите.

И не заборавајте, работното место е нашиот втор дом и место на кое поминуваме значаен дел од нашето секојдневие. Вреди да уживаме работејќи!