Електромиографија во дијагноза на болка во Тунел карпал синдром

Дневна доза здравје

јуни 25, 2015

Електромиографија во дијагноза на болка во Тунел карпал синдром

Тегобите кои се јавуваат во дланката проследени со болка и трпнење по прстите, како и намалено чувство на фин допир, топло и ладно често пати ја отежнуваат функционалноста на моториката на прстите и дланката. Истите најчесто се резултат на т.н. Тунел карпал синдром.Причините за манифестација на овој болен синдром на дланката се многубројни. Секоја промена која предизвикува стеснување на каналот од рачјето доведува до комресија на медијалниот нерв . Денес Тунел карпалниот синдром се вбројува во професионални заболувања поради зачестена работа на компјутер со неприлагодена ергономија и поставеност на дланките врз работната површина. Тунел карпалниот синдром почесто се јавува при состојби со хормонален дисбаланс (бременост, менопауза), кај дијабетичари, кај пациенти со дисфункционалности на штитната жлезда и проблеми со бубрезите, при воспалителни реакции во рачјето или како посттравматска компликација кај фрактури на рачен зглоб.Клиничката манифестација во поголем број на случаи започнува со чувство на боцкање во јагодиците од прстите , најчесто на средниот прст, за подоцна да се прошири како трпнење или чувство на жаречки болки во првите три прсти од дланката со губење на силата за стисок и најчесто неволно испаѓање на предмети од дланаката. Болката која е локална во пределот на рачјето често пати може да иритира и да зрачи кон подлактицата па дури и до вратната регија. При подолготрајна афекција на нервот доаѓа до губење на мускулната сила на палецот и дланката со што се редуцира квалитетот на живеење и се оневозможени и вообичаените основни дневни активности (сечење на леб, користење на мобилен телефон, отворање на конзерва и сл.) Дијагностиката освен со невролошки преглед се потврдува и со електромиографија (ЕМГ) и електронеурографија (ЕНГ ) за прецизирање на спроводливоста на медијалниот нерв во карпалниот тунел .Терапијата во почеток се состои во ординирање на аналгетска и витамино терапија, спроведување на физијатриски процедури за подобрување на трофиката на афектираниот нерв и аплицирање на ортоза, која оневозможува превиткување на дланката во рачниот зглоб при секојдневни активности.При акутни болки кои не се смируваат со таблетарна терапија се аплицира локална кортико терапија која има за цел да го редуцира притисокот во каналниот простор на рачјето.Крајно решение за ослободување од овие болни синдроми е оперативен зафат. Во последно време се пирменува и ендоскопска метода со што пациентите побргу се враќаат во секојдневните ангажмани .

Приказ на случај
Жена В. С. на 47 годишна возраст, работи во сметководствено биро на компјутер, од пред две години има болки во вратот, долж рамето и десна дланка со трпнење на јагодиците од првите три прста. Невролошки преглед – паравертебрална мускулатура со спазам на вратот, хипотрофија на тенорот на дланката со намалена груба моторна снага при флексија на првите три прсти на дланката. МР на цервикален рбет со полидископатија од Ц4 до Ц7 градус 3, со најизразен дискус хернија на Ц5-6 дорзомедијален на десно, со антериорна компресија на медула спиналис. Спиналниот канал сведен на 7 мм, а во медула спиналис се забележуваат почетни миелопатски промени.Хернијата на Ц5-6 и Ц6-7 е од помал степен. Електромиографскиот наод на испитуваните мускули покажува лесно редуциран инервациски примерок со присуство на АМП со висока амплитуда и пролонгирано времетраење со поголем процент на полифазни потенцијали , кое оди во прилог на радикулопатија од хроничен карактер на ниво на Ц5-Ц6 од средно тежок степен . Електроневрографија ( ЕНГ ) со испитување на сензорната и моторна брзина на спроведување и дисталната латенца на улнарниот нерв се во граници на нормала, за разлика од медијалниот нерв на десна страна, кој е со скоро немерлива сензорна брзина на спроведување и дистална латенца, како и моторна брзина на спроведување на долна граница од 57,5 м/сек ( нормално 60-70 м/сек) и изразено продолжена дистална латенца во рачниот зглоб од 8,00 мс ( нормално 2.0 +- 0,3 мс).

Заклучок : Електромиографијата и електронеурографијата , со која се испитува спроводливоста на нервите, во конкретниот случај упатува не само за постоење на радикулоптија на ниво од Ц5-Ц6, туку и за Тунел карпал синдром од потежок степен, каде се компимирани особено сензитивните влакна на медијалниот нерв во каналниот простор на рачјето.