Епилепсија – како се живее со неа?

Дневна доза здравје

февруари 10, 2020

Според дефиницијата на Светската здравствена организација (СЗО), епилепсијата е дефинирана како мозочна хронична болест која има различни етиологии и која се карактеризира со рекурентни кризи врзани за ексцесивно празнење на мозочните неврони.

Епилепсија е едно од најчестите невролошки нарушувања кое погаѓа различни луѓе на различни начини. Таа се јавува во вид на повторувани епилептични напади. Нападот наликува на внатрешна бура со грмотевици. Се јавува одеднаш, без најава и предупредување.

Не постои едноставно објаснување и често не е лесно да ја наведе причината зошто некој добива епилептичен напад и зошто нападите се повторуваат. Нашите мисли, чувства и постапки контролирани се од клетки во мозокот кои меѓусебно комуницираат преку електрични импулси, и при ненадајна навалица на поголема електрична активност доаѓа до напад. Тие се појавуваат во различни интервали, и обично се препознаваат по карактеристичните симптоми.

Меѓутоа, за нивното разликување од другите состојби од огромно значење е ЕЕГ (електроенцефалографија). Со овој метод може да се открие посебен вид на абнормалност во мозочните клетки кои доведуваат до појава на напади.

Дијагнозата се поставува врз основа на симптомите на нападите и наодите на електроенцефалограф (ЕЕГ). Лекарот обично не е во можност лично да го види нападот , и му е потребен детален опис на нападот и околностите во кои тој се појавил. Многу важно е сведочењаето на очевидците зашто лицето кое има напад често поради нарушувања на свеста не е во состојба точно да опише што точно се случило. Во речиси сите случаи, потребно е да се направи ЕЕГ и МР (магнетна резонанца) или КТ (компјутерска томографија) на мозокот, ЕКГ (електрокардиографија) и лабораториски испитувања.

Конечната дијагноза ја поставува лекар специјалист кој има соодветни теоретски и практични знаења. Обично невролог или неуропедијатар. Епилепсијата е нарушување што е придружено на различни болести и состојби. Затоа можностите за лекување се многу различни и зависат од конкретните околности кои доведуваат до епилепсија. Меѓутоа, при анализа на резултатите од лекувањето на голем број на луѓе со различни форми на епилепсија, што може да се рече дека нападите не се јавуваат кај повеќе од 2/3 од оние кои редовно се на терапија., односно околу 75% од лицата со епилепсија имаат контролирани напади.

Во целиот свет е прифатено мислењето дека, иако епилептичните напади се многу сложени, тие обично спаѓаат во две категории: делумни или жаришни, од една страна, и општи, од друга страна. Делумните или жаришни напади почнуваат во еден дел од мозокот [односно во жариште во мозокот] и влијаат врз оној дел од телото што тој дел од мозокот го контролира. Општите напади го зафаќаат целиот мозок па затоа влијаат на целото тело.

Дали епилепсија може да се излечи?

Под поимот излекувано се смета состојба во која е целосно исчезнато, и малку е веројатно да се повтори. Кога се зборува за епилепсијата ситуацијата е малку поинаква. Постои голем процент на лица со епилепсија, особено деца, каде епилепсијата се “излекувала“ односно нападите исчезнале, а терапијата по препорака на лекар е прекината. Во просек 80% од останатите луѓе со епилепсија можат да ги контролираат своите напади со лекови, што значи,можат да водат нормален живот. Успехот зависи од видот на епилепсијата, точната дијагноза, изборот на лекови, евентуални оштетувања кои ги предизвикала епилепсијата и социјални проблеми.

Меѓутоа, во некои поединци, нападите продолжуваат и покрај правилниот третман. Овие луѓе, чии епилептични жаришта се наоѓаат во посебена “регија” на мозокот, нападите може да ги спречат со хируршки лекување. Секојдневното земање лекови под редовни лекарски надзор, може да ги спречи напади. Каде што е можно, лекарите користат само еден лек при третманот. И по прекинувањето на нападите, треба да се продолжи со земањето лекови, уште неколку години, но само со насоки и контрола на лекар, кој ја третира епилепсијата и може да почнесо нивно исклучување.

Нагло прекинување на лековите, може да доведе до посериозни напади, серија на напади (еден напад по друг) или статус епилептикус (продолжен напад, со отсуство на свест меѓу нападите), кои можат да го загрозат животот на пациентите. Обезбедувањето на подобар квалитет на живот е главниот мотив на севкупниот развој и огромните истражувачки напори во областа на медицината.Терапиското третирање на болните од епилепсија е од кардинално значење за нив токму поради оваа причина.Притоа треба особено да се внимава да се земе точно определената доза од лекарот и тоа во точно определеното време,бидејќи предозирањето со овие хемикалии кои ја контролираат мозочната активност може да доведе до опасни последици.