Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

14.03.2024

Еднакво бубрежно здравје за сите

Светскиот ден на бубрегот претставува глобална кампања, која има за цел да ја подигне свеста за важноста и грижата за бубрежното здравје. Се одбележува од 2006 год секој втор четврток во месец март. Кампањата за 2024год се фокусира на подигање на свеста за унапредување на рамноправниот пристап на нега и оптимално медицинско лекување на бубрежно болните.

Важноста од еднакво бубрежно здравје за сите

Се проценува дека бубрежните болести погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Колку е сериозна бубрежната болест укажуваат и статистиките дека секој десетти возрасен во светот има со одреден степен на бубрежна слабост, тоа значи дека секој трети до петти жител има шанса да развие хронична бубрежна болест. Се предвидува дека во 2040 година Хроничната Бубрежна Болест ќе биде петта водечка причина за смртност на годишно ниво. Од заболените два милони луѓе ширум светот имаат потреба од дијализно лекување.

Во нашата држава, секоја година околу 400 нови пациенти започнуваат лекување со хронича дијализа, која што претставува доживотен третман, доколку не се направи трансплантација. Колку е ова страшно, зборува податокот дека последните дваестина години 67% од нефролошките пациенти се со потреба од редовна заместителна терапија. Во нашата држава над 85 % од тие пациенти користат хемодијализа како третман, а околу 12 % се трансплантирани.
Сето ова зборува многу за глобалното влијание на Хроничната Бубрежна Болест врз квалитетот на животот на заболените, но и врз целокупното чинење на третманот и економијата на државите.

Почесто мислете на Хроничната Бубрежна Болест

Хроничната бубрежна болест може да се развие на која било возраст, но е почеста со зголемувањето на возраста, така што еден од факторите кој што влијае на зголемувањето на бројот на хроничните бубрежни заболувања во одредени земји претставува и стареењето на населението и дебелината. Се проценува дека околу еден од пет мажи и една од четири жени на возраст меѓу 65 и 74 години, како и половина од луѓето на возраст од 75 и повеќе години имаат Хронична бубрежна болест. По 40-та година, филтрацијата на бубрезите почнува да опаѓа за приближно 1% годишно, така што покрај природното стареење на бубрезите, многу состојби кои ги оштетуваат бубрезите се почести кај повозрасните луѓе, меѓу кои дијабетесот, високиот крвен притисок и срцевите заболувања. Дијабетесот и високиот крвен притисок се најчести причинители на бубрежни заболувања. Високиот крвен притисок предизвикува една четвртина, а дијабетесот една третина од случаите на бубрежна слабост.

Во раните стадиуми на Хронична Бубрежна Болест нема никакви симптоми и знаци. Може да е загубена и повеќе од 90% на бубрежната функција без да се почувствуваат било какви симптоми. Но, постојат едноставни лабораториски иследувања кои може да ја потврдат болеста, како што е определувањето на нивото на креатининот во крвта, како и наод на протеини во урината.

Дали терапевтските можности се достапни за сите подеднакво?

Најновите откритија во терапевтскиот пристап нудат огромни можности за спречување и одложување на болеста, ублажување на компликациите, кои што се многу чести кај Хроничната Бубрежна Болест – кардиоваскуларните, мозочните и терминалната бубрежна болест, овозможувајќи продолжување и подобар квалитет на животот кај лицата со бубрежни заболувања.
Новите терапии и терапевтски пристапи би требале да бидат подеднакво достапни за сите пациенти, во сите земји ширум светот, но недоволната свест за Хроничната Бубрежна Болест, како и недоволното познавање и довербата во новите терапевтски можности и стратегии, недостигот на соодветен професионален кадар – нефролози, како и трошоците околу лекувањето, придонесуваат за појава на големи разлики во пристапот до лекување, особено во земјите со низок стандард, како и кај дел од популацијата во земјите со висок стандард. Сите овие нееднаквости ја нагласуваат потребата од развивање на поголема свест за Хроничната Бубрежна Болест и изградба на капацитети за соодветна здравствена бубрежна нега.

Постигнување на оптимална бубрежна нега во себе вклучува пред се надминување на: недостатоците во рана дијагноза на болеста, недостигот на универзална здравствена заштита и осигурување, ниската свест меѓу здравствените работници, предизвиците со трошоците и достапноста на лековите.

Што треба да се направи за да се намали ризикот од развој на бубрежна болест?

Она што треба да се направи за да се намали ризикот од развој на бубрежна болест е секако:

  • Да бидете активни и да вежбате;
  • Да јадете здрава храна, да ја контролирате телесната тежина;
  • Редовно да го проверувате и контролирате шеќерот во крвта;
  • Барем еднаш годишно да го проверувате нивото на протеини во урина;
  • Редовно да го проверувате и контролирате вашиот крвен притисок;
  • Да земате соодветен внес на течности;
  • Да прекинете со пушење;
  • Да не користите лекови без препорака на вашиот доктор;

Проверете ја вашата бубрежна функција ако имате еден или повеќе ризик фактори како што се дијабет, хипертензија, обезност или доколку имате семејна историја на бубрежна болест.
По повод Светскиот ден на бубрезите нефролошкиот преглед изнесува 2 000 ден. Цената важи заклучно 31 март.
Закажете го Вашиот термин на 02 3091 484