Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

27.04.2018

ZMC се стекна со државна акредитација за квалитет на здравствени установи

Zan Mitrev Clinic ја доби државната акредитација за квалитет од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи. Во присуство на министерот за здравство, Венко Филипче, директорот на Агенцијата, Анте Поповски, му го предаде уверението за стекнатиот степен на акредитација на директорот на клиниката, доктор Жан Митрев. Ова е огромно признание за Zan Mitrev Clinic, а посебно е важно затоа што конечно доаѓа од државните институции, покрај досега добиените светски признанија и докази за квалитетна и безбедна медицинска услуга.

Доктор Жан Митрев потенцираше дека ова е уште еден доказ дека целата работа се движела по вистински пат и дека по 18 години постоење, претставува пример за сите други институции за тоа како се следат светските стандарди во квалитет паралелно со домашните.

– После толку години мене ми е посебно мило што, така да кажам, државните институции ни даваат едно вакво признание. Сето ова што го правиме, секојдневната наша работа, од првиот ден кога сум дојден во Македонија до денеска, е пред сè во насока на наша целосна посветеност кон пациентите. Сите тие стандарди кои се до сега направени, ги правевме во интерес на подобриот исход за пациентите, побезбедно да ги поминат сите тие процедури бидејќи свесни сме за комплексноста на медицинскиот систем воопшто и за сите можни грешки што можат да настанат. Нашата матура, прославата на 18 години постоење, беше одбележана со добивање на JCI стандардот, каде што освен што официјално ја положивме, влеговме и во историјата на JCI со тоа што успеавме од пријавувањето до реализацијата, до добивањето на JCI акредитацијата, да помине време помалку од една година. Тоа е за сите нас и за сите вас големо достигнување. Меѓутоа, за прв пат и институциите на државата го препознаваат тоа дека и ние сме во Македонија, ние го работиме тоа за нашите луѓе, дека ние не сме против никој и дека до скоро имавме сите таков третман, дека ние сме како од другата страна, па дури и се наметнува чувството како да правиме нешто против системот на државата т.е. јавниот сектор. Не, тоа не е така. Тоа не е точно. Ова е само доказ дека сме биле на прав пат и покрај тоа што некогаш сме биле во дилема дали тоа некогаш ќе се препознае. Јас благодарам за ова признание, но уште поголемо признание е тоа што вие како министер и министерство тоа го препознавте и дека ваша е иницијативата за што како признание го кажавте пред јавноста и пред моите вработени, на кои не им беше лесно сето ова да го спроведат и да се преадаптираат за многу работи и да го прифатат тој процес на транспарентност и документација на секоја постапка, на секој контакт со секој пациент и на целиот процес којшто ние го правиме, градиме, развиваме континуирано сите овие години. Колку што се радував за JCI, дека успеавме, исто толку се радувам сега дека оваа македонска акредитација е всушност пример и ќе биде пример сакале или не и за сите други да мораат да ги подигнат сите тие критериуми и стандарди во интерес на пациентите, бидејќи има институција во државава којашто функционира по тие стандарди и тоа не некаде таму далеку туку тука во Македонија. Можеме да стоиме на располагање на нашите институции и да бидеме во улога и на советодавни партнери и да помагаме каде што треба. Сега и државата сфаќа дека и ние сме исто така јавна институција – изјави доктор Жан Митрев.

Министерот Венко Филипче најави дека со идно поблиско партнерство со приватните болници ќе се намалат трошоците за лекување на нашите пациенти во странство, а за што како поткрепа ќе се имаат и акредитациите за квалитет коишто ги имаат болниците во државава, а клиниката „Жан Митрев“ е лидер на тој список.

– Чест ми е да бидам денеска тука со вас и да присуствувам на овој убав настан, да знаеме дека и во нашата држава постојат вакви акредитирани здравствени институции по највисоките светски стандарди. Со признавањето на оваа акредитација, меѓутоа и со овој заеднички свечен чин, сакаме да пуштиме порака дека приватните болници ги гледаме како партнер на нашиот државен здравствен систем. Тоа го започнавме со неколку процеси, за сите процедури коишто нашите стручњаци во државните клиники сметаат дека се исцрпени можностите, дали поради недостатоците во инфраструктурата или во некои други сегменти и пациентите ги упатуваат во странство. Се надеваме дека првата станица натаму ќе бидат прво нашите приватни болници, доколку недостасува експертиза за некоја дејност, дека таа експертиза ќе се донесе од странство и заедно со нашите државни тимови ќе се аплицираат методи коишто до сега во нашата држава не се правеле. Со тоа сакаме да постигнеме неколку работи. Прво, да постигнеме партнерство со приватните болници. Понатаму значајно да го намалиме трошокот којшто сега го плаќаме кон странските болници кога пациентите ги испраќаме таму. Понатаму, сакаме да им олесниме и на самите пациенти сепак да останат во нашата земја и да не се малтретираат по патишта со автомобили и авиони во странски земји и секако да работиме на заеднички партнерски основи на вградување на експертизата, размена на искуства меѓу колегите без разлика дали работат во државниот или во приватниот сектор. Јас ви честитам. Знам дека JCI акредитацијата е многу макотрпен процес има над 1000 елементи коишто се евалуираат и не станува збор само за инфраструктурни карактеристики на зградата туку и за процедури коишто треба да се следат, а ние напорно ќе работиме овие највисоки стандарди да ги имплементираме и во нашите државни болници – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Анте Поповски, потенцираше дека стандардите се во функција на унапредување на квалитетот и посебно на безбедноста на пациентите што во Zan Mitrev Clinic веќе е и потврдено.

Значи националната агенција направи увид не само во техничкиот дел, во документацијата, туку и во самиот објект, во болницата, во процесите што се спроведуваат. Меѓутоа она што посебно ме израдува е атмосферата во којашто ја најдовме болницата, односно една универзална синергија, една добра хармонија и помеѓу тимот што функционира и во однос на пациентите. Тоа навистина покажува дека стандардите се во функција на унапредување на квалитетот и посебно на безбедноста на пациентите. Честитки до целиот тим на Zan Mitrev Clinic со желби за успех и понатаму и за една добра соработка на полето на унапредување на квалитетот и безбедноста на пациентот, тоа е наша крајна цел изјави – Анте Поповски, директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.