00389 2 3091 484
јули 27, 2018
Во постојаните напори да се унапреди здравствената услуга за граѓаните во Zan Mitrev Clinic се вбројува и оформувањето на супспецијалистичката нефролошка единица предводена од професор д-р Нинослав Ивановски, супспецијалист нефролог и специјалист по трансплантациска медицина за бубрежна трансплантација. Комплексноста на секојдневните кардиохируршки зафати и другите интервентни процедури кои се изведуваат на Клиниката како и бројните опсежни рентгенографски иследувања со контраст често пати имаат за последица транзиторни бубрежни оштетувања кои бараат специјален надзор, следење и соодветен третман. Токму овде се наметна потребата од дополнителен нефролошки надзор со цел превенција и вистински третман на овие нарушувања за истите да поминат без некоја позначајна последица во однос на интегритетот на бубрезите и нивната функција.
Од 1 јуни 2018 година, во целосната подготовка и следење на болните се вклучува и нефролошката единица со сета своја компетентност и професионалност. Така целокупниот комплексен третман на болните со кардиоваскуларна патологија се дополнува и со мерки за заштита и конзервација на бубрежната функција.
Освен тоа, од аспект на современата медицина, се повеќе се наметнува мислењето дека хроничните болести се комплексни во кои се вклучени многу системи во организмот. Така кардиоваскуларната патологија, дијабетот, атеросклерозата итн. еднакво ги напаѓаат не само срцето и големите крвни садови туку и бубрезите, црниот дроб, мозокот и белите дробови. Сета таа комплексност бара и соодветен надзор и лекување.
Zan Mitrev Clinic е во постојан напор да обезбеди високо професионална интегративна функција која ќе значи пред сè безбедност на болниот, негово оздравување и негова целосна лична и професионална рехабилитација.
Покрај вклучувањето на нефролошката единица (нефролог) во секојдневната пракса на следење и лекување на болните кои развиле или се со зголемен ризик да развијат бубрежни компликации, таа се занимава и со лекување и следење на посебни бубрежните болни. Покрај искуството на професорот Нинослав Ивановски, клиниката има услови да дијагностицира, лекува и следи болни со различна проблематика од бубрежната патологија како што се:
Посебна вредност е и присуството на развиена и високоспецијализирана уролошка заштита која е веќе етаблирана во рамка на болницата. Воведувањето на нефролошката единица покрај уролошката служба ќе донесе вистински интегрален пристап кон болестите на генитоуринарниот тракт во целост. На овој начин клиниката поседува неопходен и компетентен кадар и за трансплантационата медицина со што Zan Mitrev Clinic може да извршува и дејности од овој највисок облик на современата медицина.