00389 2 3091 484
јуни 06,2014
Хемангиоми- приказ на случај
Хемангиомот е бенигна промена која содржи крвни садови и претставува најчест тумор кај децата. Настанува најчесто со хиперплазија (зголемување) на крвните садови. Клиничкиот изглед може да биде многу различен, од светло црвени дамки до сини или пурпурни плаки и чворчиња. Хемангиомите имаат типично однесување, а тоа е брзиот раст во текот на првите неколку месеци од животот, после кое спонтано се повлекуваат во текот на следните неколку години. Тој многу се разликува од васкуларните малформации, кои се обично присутни веќе на раѓањето и не се повлекуваат спонтано. Различните клинички видови на хемангиомите се делат на:• хемангиоми кои спонтано се губат во текот на животот• хемангиоми кои трајно остануваат како белег на телото• кавернозни хемангиоми, кои се над површината на кожата, со изразена синовиолетова боја. Правилното дијагностицирање на хемангиомот е многу важно за одредување на начинот на лекување, како и за одлуката за оперативно лекување. Лекувањето е многу тешко и најчесто со слаби резултати. Хемангиомите што се со мали димензии се отстрануваат хируршки со локална пластика и притоа не остануваат големи лузни и дефекти. Кај поголемите хемангиоми, по оперативното отстранување, остануваат лузни. Затоа лекувањето се комбинира во два дела – прво се врши склерозација на промената за да се намали нејзината површина и волумен, а потоа се отстранува хируршки. Комбинираното лекување според светските студии е најдобро и дава добри резултати. Најсовремен метод за отстранување на хемангиомите, кои зафаќаат големи предели од телото (со интензивна модросина боја) е ласерот.
Кавернозните хемангиоми, кои имаат формирани венски структури во вид на шуплини, најчесто имаат модра до виолетова боја. Тие се издигнати над површината на кожата и имаат форма на топчиња, кои се меѓусебно преплетени. Најчесто се јавуваат на главата и вратот и на други места. Се создаваат со раѓањето и растат како што се оформува телото. Лекувањето е сложено – радикално хируршко отстранување на промената и локална пластика на дефектот при што формирањето на лузни е минимално.
Пациентка Е. A., на 23- годишна возраст, на ден 27.04.2014 година, примена во ПЗУ Филип Втори за оперативен третман на хемангиом. Пациентката се жали на болки во предел на десна зигоматична регија. Претходно, два пати оперирана во 1997 и во 2007 година, отстранување на мекоткивен тумефакт на лицето од десна страна во зигоматична регија во големина на поголема мандарина палпаторно болно осетлива. На ден 08.01.2014, направен МСКТ на крвни садови на глава и врат со наод за ирегуларна хиподензна формација со димензии 55 x 30 мм, истата богато васкуларизирана понагласено во венската фаза. Васкуларизацијата, најверојатно потекнува од периферна гранка на art.carotis externa. Опишаната промена најмногу оди во прилог за хемангиом. Во консултација со хирург индицирано е отстранување на хемангиомот. Пациентката e примена на одделот за полуинтезивна нега за предоперативна подготовка. На ден 28.04.2014, направено е екстирпација на хемангиомот.
Хемодинамиски и ритмички стабилна после излегување од сала. Екстубирана после 2 часа. Кристалоидно супституирана според хемодинамиските параметри. Електролитно супституиран според ацидо-базниот статус. Задоволителна артериска оксигенација, уредни вредности на гасните анализи во крвта. Започнати постепени мобилизациски постапки кои уредно ги толерира. Понатамошниот постоперативен тек уреден.