00389 2 3091 484
февруари 5, 2021
Холестеролот е органско соединение кое спаѓа во групата т.н. стероли кои се комбинација на алкохол и стероиди. Поедноставно кажано, тоа е супстанца многу слична на мастите. Се среќава во храна од животинско потекло, го има во крвта, мозокот и нервниот систем на човекот. Холестеролот исто така се наоѓа во мембраните на клетките на сите ткива и е неопходен за нормално функционирање на целиот организам. Така на пример, организмот го користи холестеролот за синтеза на хормони, витамини (А, Д и Е), киселини во жолчното ќесе. Тој помага при изградбата на нови клетки, но и ги изолира нервите.
Значи и покрај „лошиот глас“ кој го бие, тој му е многу потребен на организмот. 80% од целокупниот холестерол самиот организам си го создава, а се внесува и преку исхраната. Синтетизираниот холестерол, и оној кој се внесува со храната, доаѓа во црниот дроб каде се сврзува со некои протеини и при тоа се формираат т.н. LDL и HDL холестеролите.
Сепак, доколку холестеролот го има премногу во крвта, тој може да се таложи по ѕидовите на крвните садови при што се формираат штетните артеросклеротични плаки-наслаги.
Во самиот организам постојат механизми кои ги сузбиваат овие наслаги, но само ако тие се во почетен стадиум на нивното формирање. Ако количината на овие масни материи се зголеми, организмот не успева сам да се справи со нив и тогаш нивото на холестеролот во крвта почнува да се зголемува. Но, тоа никако не може да се утврди без направена анализа на крвта за вкупните маснотии. Ниво на холестерол и маснотии во крвта се испитува и во нашата лабораторија.
Тука би ги напоменале и иследувањата кои се прават после 10 часовно гладување што пак се добар показател за утврдување на нивото на холестетолот како ризик фактор за настанок на кардиоваскуларните болести.
Може да сте слаб, а да имате висок холестерол
Холестеролот е присутен и кај оние луѓе кои немаат прекумерна тежина, не внесуваат масна храна и не чувствуваат тегоби а сепак нивната крвна анализа покажува зголемено ниво на истиот. Затоа е потребно од време на време да биде направена ваква анализа.
При високо ниво на холестеролот во организмот, во крвта циркулираат масни жолтеникави топчиња кои може да се наталожат на ѕидовите на артериите и да формираат плаки (наслаги) кои ги стеснуваат артериите. Овие стеснувања водат кон намалување на протокот на крвта, а тоа пак може да доведе до одредени срцеви проблеми, па дури и да дојде до инфаркт.
На што да внимаваме во исхраната?
Секое семејство користи различни видови на маснотии. Главно тоа се: масло од сончоглед, маслиново масло, свинска маст, путер, маргарин. Во последно време во маркетите може да се набави и палминовото масло.
Важно е да знаете дека маргаринот и палминото масло треба да се исклучат од исхраната. Маргаринот содржи материи кои се штетни за организмот, а тоа се т. н. транс изомери кои ги покачуваат триглицеридите во крвта.
Палминовото масло, пак, содржи многу заситени масни киселини кои го покачуваат холестеролот во крвта. Секоја од останатите видови на маснотии си има своја намена и секоја е помалку или повеќе корисна или штетна.