И Стево Карапанџа му симна капа на Игор за менито со риба

Дневна доза здравје

октомври 31, 2017

Игор Атанасов-Каспер, готвач во ресторанот „Пулс“ учествуваше на 2-иот Интернационален Гастрономски Фестивал во Струмица, каде од изострениот вкус на светската гастрономска елита успеа да им „собере“ 8 медали. Стево Карапанџа, Доменико Маги, Ѓорги Костиќ, Албен Велиу, Јовица Костиќ, Ѓоргио Дијана и останати познати светски имиња од гастрономијата присуствуваа и судеа за вкусовите на јадењата кои ги подготвуваа околу 300 натпреварувачи од 30 земји на гастрономскиот фестивал кој се одржа од 24-28 октомври, 2017 во Струмица, а во организација на ГАСТРОМАК. И овој фестивал беше „зачинет“ со готвените јадења од нашиот готвач Игор Атанасов-Каспер. „Чест ми беше да бидам во тоа друштво. Престиж е да се приготвува јадење со некој како што е Ѓоргио Дијана, а јас ја имав таа можност на овој фестивал. Ова е големо достигнување за мене, а медалите се само дополнителен поттик да продолжам и понатаму во освојување на нови вкусови“, објасни Игор.

Тој се врати со 8 медали: 1 златен за подготвување на риба, 4 сребрени за пица и 3 бронзени за национално, јагнешко и пилешко јадење. Добил и лента од Здружението на готвачи од Ниш за соработката, а од Шведската федерација на готвачи беше избран за почесен член. Инспирација за подготвување на одредено јадење добива во моментот. „Влегуваш во бокс и ти даваат одредени намирници од кои треба да приготвиш мени. Инспирацијата е од секојдневната работа, традицијата, националните јадења. И за 45 минути се добива ново, модерно, со примеси на традицијата јадење. Тоа е мојата тајна состојка“, додаде Игор, најнаградуваниот од 40-те македонски готвачи кои учествуваа на овој фестивал.

За вкусовите не се дискутира, освен кога оценува Стево Карапанџа!