00389 2 3091 484
февруари 3, 2023
ВР (виртуелна реалност) во пракса
Како дел од Еразмус Плус ЕУ програмата, нашата болница, заедно со Универзитетските клиники од Ротердам, Виена и Барселона, доби повеќегодишен грант за тестирање на симулатор со виртуелна реалност. Симулаторот е наменет за едукација во областа на кардиохирургија, конкретно вклучување и исклучување пациенти од екстракорпорална циркулација, како и кардиопулмонална реанимација по кардиохируршка операција. Имено овој проект подразбира активно учество на нашите специјализанти по кардиохирургија д-р Симона Патчева и д-р Горазд Коњановски, под супервизија на проф. д-р Милка Клинчева со цел едукација и примена во пракса на наученото.
Симулаторот се состои од ВР очила кои се поврзани со палки кои се држат во рацете, а специјалниот софтвер на монитор ги емитува движења на специјализантот врз телото на виртуелниот пациент.
Овој меѓународен проект за примена на ВР симулатор за учење и тренинг на млади кардиохирурзи има повеќе предности. Една од нив е факот што се тренира во повеќе повторувања и со можни грешки од кои се учи, без при тоа да биде реално загрозен животот на пациент.
Конкретната примена и широка распространетост на ваквиот начин на едукација и тренинг со ВР симулатор насекаде во светот се очекува да се случи во следните неколку години.
Нашиот тим е пресреќен што може да даде свој придонес и воедно да биде меѓу првите корисници на најновите тренинг методи.