00389 2 3091 484
јули 5, 2023
Миокардитисот претставува воспаление на срцевиот мускул и може да има варијабилна клиничка слика од асимптоматска презентација до тешка форма на срцева слабост или фатална аритмија. Најчести причинители се вирусите, а поретко може да бидат бактерии и други инфективни причинители, радијација, лекови или токсини. Механизмот може да биде со директно оштетување на клетките на срцевиот мускул (миоцити) од страна на патогенот (инфект или токсин) или со автоимуна реакција на самиот организам врз сопствените клетки кои се промениле како резултат на патогенот и сега организмот ги препознава како туѓи и ги напаѓа.
Воспаление на срцето може да доведе до едем и фиброза на срцевиот мускул кој може последователно да ослабне и со то пумпната сила на срцето да се намали. Како резултат на тоа, пациентот ќе чувствува замор, отежнато дишење и ќе има отоци на нозете. Дополнително воспалението или фиброзата која ќе се јави, може да направат лузна на срцето која е потенцијално жариште и извор на срцеви аритмии од екстрасистоли до малигни аритмии како коморна тахикардија и фибрилација кои често завршуваат фатално.
Проширување и ослабување на срцето, ненадејна срцева смрт, аритмии.
Миокардитисот може да ја зафати и најмладата популација, поретко највозрасните, меѓутоа најчест е кај популацијата на возраст од 20-30 години и почесто го засега машкиот пол.
Миокардитисот клинички може да се презентира на следните четири начини:
Миокардитисот може да помине и во лесна форма без трајни последици, но најчесто останува некаков вид на фиброзна лузна во срцевиот мускул која зависно од локацијата и големината може понатаму да направи сериозни последици како: дилатативна кардиомиопатија со срцева слабост или лузната да биде потенцијален извор на аритмии.
На пациентите кои ќе бидат дијагностицирани со миокардитис им се препорачува воздржување од засилена физичка активност во следните 6-12 месеци, зависно клиничката слика. Се препорачува следње на состојбата со електрокардиограм, ехокардиографија и магнетна резонанца на срце. Пациентите кои имаат лузна на срцето, но сочувана систолна функција, може да примаат бета блокатори превентивно со цел намалување на ризикот од аритмии. Сепак проценката на кардиологот е индивидуална и зависи од случај до случај. Пациентите кои развиле срцева слабост се поставуваат на медикаментозен третман и се следат на одредени интервали зависно тежината на болеста. Миокардитисот може да се повтори. Но, треба да сме внимателни, бидејќи постојат и други состојби кој наликуваат на миокардитис, а се посклони кон повторувачки епизоди. Такви се Такоцубо Кардиомиопатија (Синдром на скршено срце), Десмоплакин кардиомиопатија или МИНОКА (миокарден инфаркт без осптрукција на коронарните артерии).
Магнетната резонанца на срце е златен стандард за дијагноза на миокардитис и единствено оваа неинвазивна метода би можела да ги разграничи овие патологии.
Миокардитисот, хипертрофичната кардиомиопатија, коронарните аномалии, се едни од најчестите причини за смрт кај атлети. Посебен проблем е асимптоматскиот миокардитис кој оставил лузна која не може да се идентификува ниту со електрокардиограм ниту пак со ехокардиограм. Повторно магнетната резонанца е методата која треба да се примени за навремено да се препознае такво оштетување. Иако е неинвазивен и безбеден тест, сепак поради високата цена на чинење, не сите спортисти го прават ова испитување. Секоја земја, а и професионални клубови си имаат свои стандарди и преференции во однос на оваа тема. Генерално повеќето ги следат спортистите со 24 часовен елктрокардиограм и коронарен стрес тест, а ехокардиографија и магнет се реализира доколку има сомнение за проблем. И покрај опсежните истражувања на тема ненадејна срцева смрт кај спортисти и развој на протоколи за скрининг, сепак сеуште сме сведоци на драматични настани на спортските терени. Позитивно е што поставувањето на кардиовертер дефибрилатори на спортските терени и други места каде има голема фрекфентност на луѓе, но и брзите реакции на итната помош опремена со дефибрилатор, се повеќе овозможуваат успешна реанимација кај пациентите со ненадејна срцева смрт.