Кератоконус – оштетување на рожницата

Дневна доза здравје

декември 6, 2024

Кератоконусот спаѓа во групата на пореметувања на рожницата (корнеата) кој се карактеризира со нејзино истенчување и испакнување. Всушност станува збор за состојба при која рожницата во централната зона, станува позакривена во однос на периферијата. Како сликовит пример може да послужи споредбата дека нормалното око има форма на пинг-понг топче, а при кератоконус, формата на окото личи на лажица. Кератоконусот како заболување се појавува на возраст од 6 до 40 години. Најчесто тоа може да се случи во пубертетот. Заболувањето е прогресивно, секогаш ги зафаќа двете очи, но обично почнува поизразено на едното око. Почесто се јавува кај машкиот пол. Во почетната фаза на кератоконус се појавува миопен астигматизам, но со тек на време диоптријата се повеќе се зголемува, по што пациентите имаат намалување на видот кое не може успешно да се корегира со очила.

Третман: во раните фази на лекување на кератоконусот, очилата или меките леќи, можат да бидат доволни за корекција на благиот астигматизам. Но, тие не се доволни за корекција на видот и најчесто во овие случаи на пациентите им се препишуваат тврди леќи. Овие леќи овозможуваат добра корекција на видот, но не го запираат понатамошното напредување на болеста.

Порано при напредните фази на кератоконусот се вршела хируршка интервенција (радијална кератотомија) која веќе ретко се употребува. При оваа метода во локална анестезија се прават неколку радијали засеци на рожницата со кои се намалува нејзината испакнатост. Основаните маркери за овие засеци се меридијаните добиени од корнеалната топографија.

Во случаи каде има прогресија се користи методата Cross-linking со која се зацврстува централниот дел на корнеата.

Кај најтешките случаи кај кои веќе има оштетување и заматување на централниот дел на корнеата, единствена метода е кератопластика (трансплатација на корнеа од донор). Од 10 до 25% од пациенитите со дијагностициран кератоконус напредуваат во стадиумот во кој корекцијата на видот веќе не е можна, и каде истенчувањето на рожницата станува премногу големо, во тој случај трансплатацијата на рожница е неопходна.

За правилна и навремена дијагностика и понатамошни чекори  нашиот тим офталмолози е на располагање. Закажете преглед во нашиот Центар за офталмологија во соработка со Промедика Офталмологија на: 02/3091-484