Kinesio Taping како моќна поддршка во физиотерапијата

Дневна доза здравје

август 15, 2017

Со цел забрзување на процесот на природно лекување на организмот, физиотерапевтите од Специјализирата болница ЖАН МИТРЕВ користат нова техника- Kinesio Taping. Toa e техника на лепење на “Kinesio Tex” ленти чија функција е забрзување на процесот на природно лекување на организмот при што се обезбедува  поддршка и стабилност на мускулите и зглобовите, без нивно ограничување . “Kinesio Tex Tape” е еластична адхезивна лента развиена од јапонскиот киропрактичар д-р Кензо Касе. Toa е хипоалергена, водоотпорна лента направена од памучни влакна со акрилен лепак која може да се користи неколку дена и е безбедна за користење за широка популација, од спортисти до педијатриски пациенти. Kinesio Taping  најчесто се користи:

како потпора на мускулите ( ги подобрува контракции на слабите мускули, го намалува мускулниот замор и грчеви и овозможува поголем обем на движења и ја намалува болката)
при намалување на едеми и хематоми (ја подобрува крвната и лимфна циркулација, ја намалува температурата и зголемува елиминацијата на токсините во мускулно ткиво и со тоа се намалува воспалението и болка во кожата и мускулите)
ги активира внатрешните аналгетични системи (го активира спиналниот и еферентен инхибиторен систем)
при корекција на проблеми со зглобовите (го подобрува односот на зглобните површини кој што е провоциран од спазам или скратување на мускулите, го нормализира мускулниот тонус и пореметувањата на зглобната фасција, го зголемува обемот на движење и ја намалува болката)

Третман на лимфедем

За правилно користење и примена на оваа техника потребна е целосна проценка на пациентот. Оваа проценка треба да вклучува рачно тестирање на мускулите, тестирање на опсегот на движењето, оцена на одењето и слични ортопедски тестови кои што се сметаат за неопходни. Информациите добиени од овие проценки ќе му  овозможат на физиотерапевтот да изготви соодветен протокол за третман. Наодите од клиничката евалуација или проценка ги диктираат спецификите на апликацијата на Kinesio лентата. Со користење на единечни ленти во форма на  “I”  или модификации во облик на “X”, “Y” или слични специјализирани форми, како и насоката и количеството на истегнување на лентата за време на примената, Kinesio Tex лентата може да се примени на стотици различни начини. Во некои случаи, третманот на некоја состојба може да бара и третман на други основни состојби.

Кинезио тејпингот  се темели на концептот на олеснување на мускулните и кожните движења, со цел да се постигне биомеханички, терапевтски ефект врз третираните зони. Лентата со своите микро движења ги стимулира кожните и поткожните рецептори, стимулирајќи го нервниот систем кој го условува мускулниот рефлекс. Освен тоа, лентата со помош на кожната стимулација го редуцира лимфниот и крвниот застој, ја подобрува локалната микроциркулација и го олеснува намалувањето на отокот. Лентата  всушност, преку набирање на кожата го зголемува интра клеточниот простор со што ја олеснува лимфната дренажа . т.е , со намалување на тензијата врз поткожните рецептори за болка се редуцира болката и се превенира околното ткиво  од повреди, едеми и крварења.

Како изгледа, како се применува и кои се резултатите од оваа техника Ви прикажуваме од конкретен случај на третман на едем после периферен бајпас на пациент на 70 годишна возраст.

Прикажана е состојба по итна операција Fogarty емболектомија на фем-поплитеално премостување на лев долен екстремитет со директна сутура.  Состојба по феморо-поплитеално премостување лево со васкуларна протеза PTFE 8 mm. Операцијата е спроведена 48 часа после појавата на симптомите на  силно изразена болка пропратена со едем на лева потколеница и невролошки дефицит на лево стопало (спуштено стопало).

Еден ден по третманот

Три дена по третманот

24 часа постоперативно е применета физиотерапија со рана мобилизација  и елевација на лев долен екстремитет. Пациентот се движи со помош на подколен персонален  апарат со ограничување на плантарна флексија. Измерен обем  на потоленица постоперативно 48см . Во постоперативниот период во третманот на едемот вклучен е кинезиотејпинг со “kinesio tex tape“ во комбинација на интерферетни струии, електростимулација и кинезитерапевтски вежби за долни екстремитети. После 10 дневна хоспитализација пациентот е пуштен на амбулантска рехабилитација со евидентно намалување на едемот од 7 сантиметри  и субјективно зголемување на  сензитивноста на левата потоленица. Невролошкиот дефицит понатаму е евидентен.