00389 2 3091 484
септември 3, 2020
Дали доста често ги гледате оние ленти во различни бои кои ги носат спортистите на себе? Што доколку кажеме дека баш овие ленти помагаат за време на бременоста во олеснување на тешкотиите , поддршка на абдоминалната мускулатура и за ослободување на менструални тегоби?
Кинезиотејпингот претставува еластична, самолеплива лента која што е развиена уште во 1979 година. Карактеристично е тоа што нема латекс, хипоалергена е и може да се носи и повеќе денови. Безбедна е за целата популација од бебиња па се до возрасни пациенти.
Лентата е изработена од 100% памучно влакно, медицинско акрилно лепило. Водоотпорна е и не го ограничува обемот на движење. Еластичноста на лентата има особина да влијае во релаксација и стимулација на мускулатурата. Самата лента го олеснува природниот процес на заздравување на телото, дава поддршка и стабилност на мускулите и зглобовите, ја подобрување крвната и лимфната циркулација, ја намалува болката, го намалува отокот и го контролира воспалението.
Што се однесува до бременоста, кинезио лентата е безбедна и ефикасна опција за третман. Мускуло – скелетните болки се вообичаени за време на бременоста, особено пределот на грбот и карлицата, како и болката во лигаментите (особено во долниот дел на абдоменот или препоните).
Во овие состојби кинезио лентата претставува алтернативна метода за користење на лекови. Со соодветна апликациа претставува идеална опција за ослободување на болките за време на бременоста.
Со аплицирање на кинезио лентите во пределот на лумбалниот рбет или долниот дел од абдоменот се помага да се распредели тежината и воедно за се намали заморот и болката која што се јавува.
Постојат неколку видови на апликација на кинезио ленти кои што може да делуваат во поддршка на абдоменот, абдоминалната и грбната мускулатура.
Абдоминален “појас” , вертикални ленти за поддршка, бебешки “појас”, апликација за целосна поддршка на абдоменот, комбинирана апликација за лумбален `рбет и абдоминална мускулатура, апликација за поддршка на дијафрагмата и слично.
Со алицирање на некоја од овие техники (зависно од потребата) се постигнуваат различни ефекти: поддигнување на абдоменот и ослободување на притисокот во карлицата, ослободување од болките во долниот дел на абдоменот и грбот, поддршка и поддигнување на долниот дел од абдоменот, спуштање на горниот дел од абдоменот и ослободување на дијафрагмата за олеснување на дишењето.
Овие апликации може да се комбинираат и со соодветни апликација за грбна мускулатура, особено лумбалниот дел од `рбетот.
Добро е да се напомене дека постојат и соодветни техники кои што се применуваат при третман на “лузни” од царски рез. Помагаат во олеснување на абдоминалната мускулатура во таа регија, а воедно и во ослободување на фасцијата.
Кинезиотејпинг техниката исто така може да се применува и при состојби кај менструални тегоби за ослободување на болката и напнатоста во абдоминалната мускулатура. Со соодветните техники особено како што е EDF – кинезиотејпинг апликацијата може да се помогне во значајно ослободување од болките во мускулатурата при тие состојби.
Бидете слободни, за време на бременоста, после породувањето па дури и во деновите за време на периодот во месецот консултирајте се и побарајте помош од Вашиот физиотерапевт.