Клиничка болница „Жан Митрев“ со пониска смртност од американскиот benchmark и со нула проценти инфекции

Настани

декември 12,2019

Откако е отворена, во март 2016 година, во Zan Mitrev Clinic, направени се 230.000 прегледи и 10.500 операции, со што само во оваа 2019 година се  направени над 70.000 прегледи и 3.100 операции, што е најмногу досега во една година, информира академик доктор Жан Митрев, првиот човек на оваа клиничка болница која идната година одбележува две децении постоење.

 

  • Најнапред би сакал да им го честитам Божиќ на сите оние, кои го слават овој голем празник. Воедно, како што ја привршуваме годината, која беше исполнета со многу напори и посветена работа, би сакал да ги објавиме и нашите резултати. Тука би нагласил дека 100% од прегледите се приватни пациенти и 52% од операциите беа приватни пациенти од странство и од регионот, што е највисок процент до сега.  Воедно, оваа година зачекоривме со нова техника на оперирање, т.н. вештачки срца, од кои  6 LVAD ( left ventricular assist device ), 2 BVAD ( biventricular assist device ), 1 TAH ( total artificial heart ). Сите пациенти се со 100% преживување, без компликации или смртност – информира доктор Жан Митрев.

 

Тој појаснува дека во клиниката биле третирани најкомплексни аномалии на новороденчиња, како Switch процедура, комплексни операции, унификација на мапки со пулмонална атрезија , повеќе реоперации, дури и трети реоперации кај деца, оперирани во други институции.

 

  • Оперирани се 178 пациенти со вродени срцеви аномалии, од кои 75 беа помали деца и бебиња, 25 деца се третираа со интервентни процедури и 50 деца беа хируршки оперирани. Притоа сакам да нагласам дека со овој тип на операции почнавме во септември 2019 год и за 3 месеци извршивме 50 операции. Немаше неочекувана смртност и сите деца јас ги оперирав. Посебно сакам да истакнам, дека за квалитетот на една болница најбитни параметри се следните:
  • Интрахоспиталната смртност до 30 денови
  • Постоперативните инфекции

За постоперативната  смртност постигнавме да сме пониско од американскиот Benchmark (репер) за операциите, кои ги работиме и уште повеќе во оваа година постигнавме инфекции на длабоки хируршки рани  од 0%.

Со ова можам да истакнам, дека сме една од најдобрите болници во светот со што Македонија има со што да се гордее – заклучува Митрев.