00389 2 3091 484
април 04,2022
Мозочниот удар претставува состојба при која поради прекин или недоволно снабдување на мозокот со крв и кислород, мозочните клетки почнуваат да умираат. Умирањето на мозочните клетки е неповратен процес и во голем дел од случаите завршува до делумна или целосна парализа т.е онеспособеност за живот, па и смрт.
Меѓу причините кои можат да доведат до оваа состојба водечко е заболувањето познато како атеросклерозата на каротидните артерии. Поточно станува збор за каротидна бифуркација, каде заедничката каротидна артерија се дели на внатрешна и надворешна каротидна артерија.
Добро е да се знае дека постои решение. Станува збор за примена на минимално инвазивен пристап во хируршкото лекување на атеросклерозата на каротидните артерии, при кој се враќа протокот на крвта во мозокот.
Мозочниот удар може да се манифестира на неколку различни начини. Кај полесните форми, мозочниот удар може да доведе до симптоми како: парализа на едната половина од телото и лицето, отежнат говор, отежнато голтање, тешкотии со дишењето, губиток на видот, непрепознавање на лицата и целосно губење на говорот. Може исто така да се забележат и одредени случаи на тешка форма на поспаност, па дури и кома.
Во најтешката форма, мозочниот удар може да предизвика моментална смрт.
При појава на било кој од овие симптоми, потребно е веднаш да се оди на лекар, да се направат брзи неопходни иследувања кои вклучуваат доплер ехографија и секако компјутеризирана томографија со ангиографија на каротидните артерии.
Брзите иследувања се неопходни со цел да се започне навремено лекување на акутниот мозочен удар, а со тоа и спасување на оштетеното мозочно ткиво, што ќе овозможи враќање на пациентот во првобитната состојба.
За да се има подобар успех во лекувањето, потребно е иследувањата да се завршат во првите 6 до 12 часови. Доколку пациентот во минатото има преживеано мозочен удар, повторно треба да се направат нови испитувања. Тие вклучуваат: компјутеризирана томографија со ангиографија на каротидните артерии и магнетна резонанца на мозокот.
По направената дијагностика, се пристапува кон хируршко лекување на атероклерозата на каротидната бифуркација со цел да се превенира појава на нов мозочен удар, кој би можел да биде и фатален, или да доведе до потежок или полесен инвалидитет.
Хирушкото лекување се употребува во хроничните форми на прележани мозочни удари со атеросклероза на каротидната бифуркација, и секако во акутните форми на мозочен удар. Со хируршкото лекување се отстранува атеросклеротскиот плак (наслага) од каротидната бифуркација и од внатрешната каротидна артерија која директно ја снабдува со крв соодветната страна од мозокот.
Атеросклеротските плаки (наслаги) можат да бидат калцифицирачки, мешани и најопасните таканаречени меки плаки, кои носат голем ризик за најтешка форма на мозочен удар. Кај последниот вид, постои индикација на побрза интервенција, дури и на помали стеснувања на внатрешната каротидна артерија кои се откриваат при компјутеризираната ангиографија.
Оперативниот пристап до каротидната бифуркација на левата или десната страна од вратот се планира во зависност од наодот на компјутеризираната ангиографија. Оперативниот рез е со големина од околу 2 сантиметри, поставен согласно наборите на вратот, за да по заздравувањето на раната истиот да биде невидлив, односно да се сокрие во наборите на вратот.
Не е само оперативниот рез минимално инвазивен. Се употребува и минимално инвазивен пристап и во анестезијата. Оперативната интервенција се изведува во блок анестезија или таканаречена локална анестезија, со давање анестетик директно во пределот на оперативната интервенција, без да се употребува општа ендотрахеална анестезија.
Побрзото опоравување дозволува и планирање на евентуални следни оперативни интервенции многу побрзо. Зошто е тоа важно? Од причина што обично овие пациенти имаат и проблеми со срцето и крвните садови на нозете, бидејќи атеросклерозата е обично генерализирана состојба.
Овој минимално инвазивен пристап во лекување на атеросклерозата на каротидните артерии во Жан Митрев клиника се применува како рутински зафат. Досега се оперирани повеќе од 5000 пациенти на овој начин, со одлични резултати. За дополнителни информации нашите лекари ви стојат на располагање.