00389 2 3091 484
април 12, 2016
„Убаво ми е на душава што сум јас првиот опериран пациент “
Академик д-р Жан Митрев со својот тим ја направи првата операција во новата болница „Филип Втори“. Пациентот се чуствува добро , операцијата траеше 2 часа , екстубиран е за 120 минути. Одлични вести за нов почеток. Ден кој се чекаше заради многу причини, случајно 11 април, случајно 16.00 часот. Д-р Жан Митрев кој има зад себе илјадници операции, после вчерашната прва операција во една од најмодерните болници во Европа, го изјави следното:
„Како прва операција тука во овие услови, ова беше посебна операција. Посебноста се состоеше во техничкиот дел и новите услови кои ги имаме во операционите сали. Се помина беспрекорно, одлично. Пациентот доби 3 бајпаса, целокупната операција траеше 2 часа без никакви потребни брзања , што е релативно краток временски период за овој тип на операции. Пациентот е одличен, тимот е задоволен, јас сум задоволен бидејќи се функционираше беспрекорно, условите се идеални, продолжуваме со секојдневниот ритам. Сега имаме втора операција, се работи за пациент со аортна валвула и полека се подготвуваме да дојдеме во некоја оптимална бројка и работа“.
Утринава го посетивме првиот опериран пациент во новата болница , расположен за разговор и одговор на сите наши прашања. Сместен во високоопремена интензивска соба, во очекување на својот прв оброк , кој е подготвен од готвачите во кујната на новата болница.
„Јас сум повеќе од добро, иако сум опериран вчера доцна попладне. Не знаев ниту очекував дека јас ќе бидам првиот опериран пациент, случајно излезе така и да ми значи, убаво ми е . Се чуствувам посебно затоа што со операцијата над мене почнува со работа оваа преубава болница. Во старата болница бев една недела, примен во инфарктна состојба со силни болки во рацете, во грбот, ме третираа 7 дена за да ме довдедат во некоја нормала за операција. Ме стабилизираа ме подигнаа, вчера ме оперираа и ете ме гледате денеска “, ни раскажа пациентот.
Со првиот опериран пациент во новата болница се случи и првото дежурство. Дежурен лекар беше медицинскиот директор на болницата д-р Тања Анѓушева која е одговорна на одделот за интензивна нега. Иако 16 години таа е дел од болницата и за неа ова беше посебен ден, посебна ноќ.
„ Со душа чекавме да започнеме со работа, нема чест секој да работи на ваква интензивна нега, која што е опремена со најсовремена апаратура, со перфузери кои што нудат максимална безбедност на пациентот, во однос на начинот на третманот. Многу сме среќни и задоволни нашиот прв пациент помина сосема добро, екстубиран е само 2 часа по операцијата, се беше во најдобар ред, немаше никакви компликации, за што зборува и самиот тој и неговиот изглед непосредно после операција. Горди сме што почнуваме со работа во оваа установа, затоа што сметаме дека нашите стандарди кои што 16 години ги градевме и нашата организација на работа дури сега ќе имаат можност да го добијат своето вистинско лице. Денес очекуваме во оваа врвно опремена соба од интензивната нега да донесеме уште еден пациент, кој во моментов е на операција, сложен зафат замена на аортна валвула и бајпас, пациент со доста напреднат стадиум од болеста, но нашето искуство ни ја дава нашата сигурност“.
Првооперираниот пациент за ден-два ќе си замине дома. Му посакуваме многу здравје, убави денови нека биде како и првооперираниот пациент во старата болница кој ја живее шестаесетата година од операцијата.