(Не)соодветна употреба на витамини/суплементи кај децата

Дневна доза здравје

јануари 2, 2024

Витамини Е, А и Д

Во зимскиот период кога децата се најизложени на вируси и настинки, родителите честопати знаат да почнат да им даваат витамини и суплементи како поддршка за имунитетот. Сепак треба да се потсетиме дека тоа не треба да се прави на своја рака и да се претерува бидејќи може да влијае негативно на здравјето.

Витаминскиот статус кај децата зависи од многу фактори меѓу кои се: пристапот до соодветна исхрана, социјално-економската состојба, генетиката, како и потекло/составот на храната од кои зависи содржината на микро и макронутриентите. Од тука може да произлезе конфузијата кај родителите при изборот на најсоодветни диетарни суплементи и нивно користење при различни состојби.

Понекогаш поради недостигот на протоколи-упатства (guidelines) во оваа област, дури и лекарите може да се соочат со недоумица што да им препорачаат на родителите. Ова е особено присутно во областа на педијатријата и често пати се случува несоодветно избалансирана употреба на витамини во форма на прекумерен или недоволен внес.

Кога, зошто и кои витамини?

Важно е да знаеме кога треба да се направи дополна на витамини кај децата, а тоа се неколку состојби:

  • Дефицит на витамини, заради намален внес или намалено присуство на витамини во исхраната,
  • Примена на рестриктивни диети со смалена количина на витамини, и
  • Болести и состојби при кои имаме смалена односно неадекватна ре-абсорпција на истите.

Витаминската суплементација се смета како супортивна (дополнителна) терапија која не ретко може да предизвика модификација на текот на болеста и да го подобри нејзиниот краен исход.
Исто така, витаминските суплементи се сметаат за дел од групата на диететски суплементи кои во себе освен витамини содржат бројни минерали, аминокислени и масни киселини, и како такви создаваат исто така нејаснотии и конфузија при нивната употреба како надополна во исхраната. Со намера да се потенцираат добрите страни на витамините, ги занемаруваме можните лоши ефекти од нивно предозирање, а тоа може лесно да настане при некритично користење, без јасна препорака и индикација.

Со цел да се разјаснат некои недоумици кај родителите ќе дадеме краток осврт на најчесто употребуваните витамини. Имено базирано на одредени студии ќе ги третираме витамините од двете основни групи:

  1. Липосолубилните витамини: Витамин А, Витамин Д, и витамин Е и
  2. Хидрослубилните витамини: Витамин Ц, Фолна киселина, Витамин Б12.

Липосолубилни витамини

Витамин Е (Токоферол, алфа-Токоферол) го има во растителните масла, семките, јаткастите плодови, житарките. Се смета за важен антиоксидант и има антибактериско дејство. Дозволена доза на користење е 4-13mg/дневно, во зависност од возраста. Иако нема јасен токсичен ефект, сепак даден во високи дози може да предизвика мускулна слабост, замор, гадење и дијареа. Витаминот Е даден во високи дози над 1000mg/дневно може да предизвика крварења.
Дефицит на витаминот Е кај децата се среќава при гастроинтестинални малапсорпции како и кај вродени нарушувања на апсорпции и скалдирање во црниот дроб. Клинички знаци на дефицит на витаминот Е се манифестираат како хемолитичка анемија, периферна неуропатија, ретинопатија, атаксија, миопатија и смален одговор на инфекции.
Во споменатите состојби, суплементацијата со витамин Е е задолжителна, дури и кога не е до крај извесно колку долго ќе се дава и кој ќе биде неговиот долготраен ефект.
Суплементирање на витамин Е го намалува ризикот на појава на интравентрикуларни крварења и ретинопатија, кај предвремено родените новороденчиња, но не и кај екстремно премтаурни бебиња.

Иако се смета дека витаминот Е има антиоксидантна улога и помага во превенцијата на хронични болести и кардиоваскуларни болести кај возрасните, не се најдени докази дека го има истиот ефект во педијатриската популација. Сепак, според студијата на Голденстајн, витаминот Е го редуцирал кардиоваскуларниот ризик кај одредена подгрупа на популација со дијабет и со специфичен генотип. Од неодамна витаминот Е се употребува и во третманот на не-алкохолен стеатохепатит, а лабораториските параметри покажале подобрување на хепаталните ензими.

Побројни се студиите кои го испитуваат дејството на витаминот Е кај болести кои се карактеризираат со хемолиза. Позитивен ефект е постигнат кај пациентите со бета таласемија преку намалување на оксидативниот стрес на засегнатите органи.

Витамин А

Витаминот А спаѓа во групата на ретиноиди кои се липосолубилни витамини, вклучително ретинал и ретинил естер. Се наоѓа во храна од животинско потекло, но исто така и во овошја и зеленчук кои содржат каротеноиди, а кои се прекурсори на витамин А. Најважниот метаболит на витмаинот А е ретиноична киселина која преку нуклеарните рецептори ги менува и модулира патиштата на пренос на сигнали. Така, витаминот А е есенцијален за адекватен вид, за мускулната функција и за добри имунолошки реакции. Препорачана дневна доза за педијатриската популација е 200-500 микрограми, зависно од возраста.

При предозираност (акутна токсичност) на витамин А се јавува гадење и повраќање. Кај хорнична токсичност се јавуваат промени на кожа, коса и нокти, потоа нарушени вредности на хепаталните ензими. Витаминот А е токсичен е при давање во бременост, па така ќе предизвика вродени дефекти на раѓање. Главоболка и интракранијална хипертензија може да бидат симптоми при акутно или хронично интоксицирање со витамин А.
Во земјите во развој, недостигот на витамин А е водечка причина за слепило во педијатриската популација.

За улогата на витаминот А во имунолошкиот систем сеуште се дебатира, но одредени научни студии укажуваат на зголемена инциденца на морбидитет и морталитет при инфекции, кај деца со дефицит на витамин А. Според Светската здравствена организација во детската популација на возраст од 6 месеци до 5 години, во земјите во развој, сеуште е потребна суплементација со витамин А. Улогата на витаминот А е исто така нагласена во земјите во развој при состојби на дијареа и сипаници. Во состојба на сипаници (инфективен осип) Светска здравствена организација кај детската популација на земјите во развој, препорачува орален внес на витамин А во доза од 30mg во тек на 2 дена, кај децата под 2 години.

Предвремено родените деца имаат ниско ниво на Витамин А на раѓање, но нема доволно студии кои би го поткрепиле давањето на Витамин А во мускуларна форма. Витаминот А е понатаму испитуван каков ефект има кај возрасните за намалување на ризик од болести на канцер, при што не е најдена јасна поврзаност.
Витаминот А се смета дека поседува потенцијал за контрола врз гликемијата, наголемувајќи ја осетливоста на инсулин, хормон кој го контролира зголеменото ниво на гликоза во организмот.
Во однос на имунолошкиот систем и регулацијата на имуниот одговор се смета дека витаминот А игра улога во продукцијата на Т-лимфоцитите како и улога во имуномодулација на имунолошкиот одговор.

Витамин Д

Витаминот Д е липосолубилен витамин кој се продуцира кај луѓето во кожата од ендогениот холестерол, а под влијание на УВБ зраците се трансформира во неговата активна форма.
Витаминот Д се прима по орален пат преку храна која е многу богата со активната форма на витаминот, како риба, жолчка од јајце, полномасни сирења и путер. Витаминот Д е фундаментален за соодветен развој на коските, тој го одржува метаболизмот на калциум и фосфор и овозможува реапсорпција на калциум.

Препорачана диететска доза за витамин Д е 10 и 15микрограми/дневно (1 микрограм е соодветен на 40 (IU) интернационални единици на Витамин Д)
Доколку е витаминот Д во вишок од дозволенета доза, може да даде токсичен ефект со зголемување на калциумот во серум и појава на бубрежна калциноза. Затоа се препорачува проверка на нивото на витамин Д во серум кај доенчиња и деца кои се на долготрајна супституција со витамин Д. Недостигот пак на витамин Д е поредок, а се случува често кај болести со лоша апсорбција, болести на црн дроб и бубрези, при хронични терапии со лекови како Фенитоин, Карбамазепин, кортикостероиди, антигабични лекови.
Се смета дека припадниците на африканската и хиспано популација при неизложеност на сонце, обезните, при грануломатоза и пациентите со хиперпаратироидизам, имаат зголемен ризик од дефицит на витамин Д.

Од овие причини, се препорачува витамин Д суплементација во првата година од животот, но и кај погореспоменатите состојби кај адултни пациенти.
Кај предвремено родените бебиња дневната суплементација со витамин Д оди во повисоки дози во однос на доносените деца. Студии укажуваат на поволните ефекти на витаминот Д во состојби на Диабетес тип 2, но и Дијабетес тип 1, со оглед на тоа дека витаминот игра улога во генската експресија и вон клеточната диференцијација и пролиферација.
Витаминот Д има јасен имуномодулаторен ефект како на вродениот така и на стекнатиот имунитет.

Се смета дека даден во адекватни дози витаминот Д кај луѓето го смалува ризикот за мултиплекс склероза, идиопатски јувенилен артритис, а кај луѓето кои се веќе засегнати со таква состојба го намалува ризикот од влошување и релапси. Кај Кронова болест и кај системски Лупус витаминот Д ја смалува тежината на симптомите. Иако се смета дека има голема улога во автоимуните болести, сепак потребни се понатамошни студии за следење на ефектите на витаминот Д, а особено се неопходни студии кај болните од респираторни болести и астма, за кои сеуште нема јасна потврда.

Во нашата клиника достапни се тестови за испитување на присуство/отсуство на витамини, секако во согласност со препораките од нашите педијатри. За да закажете термин јавете се во нашиот контакт центар 02/3091-484