Нова награда за д-р Жан Митрев

Настани

ноември 14, 2017

Д-р Жан Митрев ја прими наградата „13 Ноември“ за здравствена заштита и хуманитарна активност, која му ја додели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во Македонската Опера и Балет. Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ при Град Скопје одлучил да му се додели оваа награда на д-р Митрев за континуиран, долгогодишен придонес за развој на приватниот здравствен систем во Р. Македонија и регионот, како и за воведување на современи медицински стандарди за пациентите од Град Скопје и регионот.

„Д-р Жан Митрев има значаен придонес во областа на современата медицина со што остварува директен импакт врз лекувањето на пациентите. Пред 17 години ги постави темелите на кардиохирургијата, прв направи операција на отворено срце, воведе нови стандарди во работата. Се вбројува во групата на ретки кардиохирурзи во Европа со импозантна бројка од 15.000 операции на срце. Д-р Митрев е лидер во регионот за воведување на уникатни медицински услуги и изведување на сложени операции. Во 2016 година ја основа и отвори ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКА, која за кратко време прерасна во регионален медицински современ центар. По седумнаесет години работа во Македонија, до сега, тој бележи импозантни резултати во медицината, токму поради неговата стручност, етичност, професионалност и искрена посветеност кон пацеинтите. Д-р Митрев е неуморен борец во работата, лидер во кардиохирургија, прв Македонец кој пред 20 години направи трансплантација на срце на пациент во Германија“.

Ова е втора награда од Град Скопје. Во 2009 година, наградата „13 ноември“ беше доделена на болницата „Филип Втори“.

Наградите „13 ноември“ се доделуваат на физички и правни лица како знак на признание на Град Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието. Останати годинашни добитници на „13 ноември“ се: во областа на науката Горан Кондов, специјалист-хирург по градна хирургија, и пензионираниот професор од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Хаки Имери, во областа на образованието и воспитанието одделенскиот наставник во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје Јадранка Клисарова, а во областа на културата и публицистиката романсиерот, поет и издавач Димитар Башевски и поетесата и романсиер Пунторие Муча – Зиба. Во областа на уметноста наградата ја добија обоистот Васил Атанасов и ликовниот уметник Стефан Хаџи – Николов, за хуманитарна активност доби и наставникот по физичко и здравствено образование во ОУ „Рајко Жинзифов“ – Чаир Раде Илиевски, додека во областа на спортот фудбалскиот работник Чедомир Јаневски и кајакарот Атанас Николовски.