НОВА, РЕТКА ОРТОПЕДСКА ПРОЦЕДУРА- АРТРОСКОПИЈА НА ЛАКТ

Дневна доза здравје

ноември 16, 2017

 

Во  Жан Митрев Клиник се изведе нова процедура- артроскопија на лакт на 26 годишен пациент, која спаѓа во минимално инвазивни техники од страна на доц. д-р Константин Митев, хирург- трауматолог. За земјата и регионот ова е нова процедура, која ретко се работи како оперативна интервенција поради низата на технички специфичности и несоодветно едуциран стручен кадар. Интервенцијата се изведува низ 2-3 отвори(портали) со големина од 1-2 см.низ кои се внесуваат оптичките и работни инструменти со можност да во исто време се направи егзактна дијагностика на оштетување на зглобот и нивен соодветен третман.

,,Пациентот е примен поради болни и ограничени движења во лактот како последица на скршеница на главата на палечната коска задобиена при пад на лакт пред три месеци. По направените клинички, рентгенграфски и компјутерски иследувања се постави индикација за артроскопија на лакотен зглоб. Во општа анестезија на страничната позиција се направи артроскопија по стандардна процедура. Интраоперативно се најде слободен фрагмент во лакотниот зглоб како последица на скршеницата на коската. Слободното зглобно тело се отстрани и се направи ослободување на зглобната капсула. Пациентот веќе следниот ден е пуштен на домашно лекување, без болка и со подобрени движења во лактот“, објасни доц.д-р Константин Митев.