00389 2 3091 484
септември 09,2020
На 22.09.2020 година, Zan Mitrev Clinic доби нова публикација на тема Early Initiation of Extracorporeal Blood Purification Using the AN69ST (oXiris®) Hemofilter as a Treatment Modality for COVID-19 Patients: a Single-Centre Case Series
Ова претставува наше оригинално дело и прва публикација во Република Северна Македонија кога станува збор за COVID – 19 болестта, а објавено во престижниот Brazilian journal of cardiovascular surgery.
Тимот што работеше на оваа публикација е составен од искусни доктори специјалисти ( кардиолози, анестезиолози, микробиолог, трансфузиолог) од клиниката Жан Митрев, предводена од доктор Петар Угуров.
Доктор Петар Угуров одговара на неколку прашања поврзани со ова истражување спроведено во нашата клиника и важноста за неговата примена пред се кога се во прашање пациентите нивната безбедност, здравје и брзото и сигурно закрепнување.
Која беше основната причина за да се започне со истражување на ова поле и што е она што ја прави оваа студија толку специфична и значајна ?
Д–р Угуров – Основна причина за нашата истражувачка работа е самиот SARS-CoV 2– вирусот, вирус кој што стана предизвик за целиот свет.
Веќе сите знаеме дека COVID-19 е заболување предизвикано од SARS-CoV-2 , вирус од фамилијата Коронавирус, кое првично беше откриен во Кина во декември 2019 година.
Пред да кажам за студијава би сакал уште еднаш да го објаснам начинот како самиот вирус доведува до влошување на општата состојба кај пациентите болни од SARS – CoV2 вирусот.
Нарушувањето на функциите на дишењето при заболување на респираторниот систем кај пациенти со COVID-19 се поврзува со промени кои настануваат во механиката на дишењето кај пациентите. Може да дојде до намалена подвижност на дијафрагмата и градниот кош, намалување на контрактилните способности на мускулатурата за дишење, како и намалена движечка активност на болните. Тоа доведува до нарушување на белодробната вентилација и размената на гасови.
Кога луѓето кои имаат COVID-19 започнуваат да кашлаат и да имаат температура, тоа е знак дека инфекцијата стигнала до респираторниот систем.
Заштитниот слој на овие респираторни органи се оштетува, што доведува до воспаление кое и најмалата количина на прашина може да предизвика кашлица.
– Она што ја прави студијава единствена и значајна е тоа што сме единствени во државата и ретки во регионот каде што на посебен начин, преку посебно изработен протокол на третман на овие пациенти болни од SARS CoV2 вирусот, успеавме да покажеме и тоа како можеме да го сопреме прогресивното влошување на општата состојба на пациентите со рано започнување на екстракорпорално прочистување на крвта во комбинација со системска хепаринизација и респираторна поддршка.
Како дојдовте до идеја за започнување на оваа студија?
Д–р Угуров – Студијата која што ја започнавме да ја работиме и самата идеја на оваа студија е заснована од претходните наши искуства и работа со пациенти кои што имаат високо покачени инфламаторни маркери, како и пациенти кои што се наоѓаат во септичен шок.
Главното прашање кое што и самите ние си го имавме поставено како предизвик е како да се спречи прогресивното влошување на општата состојба на пациентите кои што се болни од SARS – CoV-2 вирусот.
Дали ќе може да ни кажете нешто повеќе за студијата?
Д–р Угуров – Нашата студија опфаќа серија од 15 пациенти позитивни на SARS – CoV-2 вирусот. Континуираното следењето на нивото на инфламаторни маркери, цитокините, како и диференцијалната крвна слика заедно со Д-димерите, LDH и феритин, претставуваат моќен предикторен фактор за времето на вклучување на хемофилтрацијата како дел од третманот кај пациентите болни со Ковид-19.
Третманот се состоеше со рано започнување на екстракорпорална прочистување на крвта со употреба на хемофилтер oXiris® (AN69ST), системски хепаринизација и респираторна терапија.
Периодов станавме доста интересни за општата популација со хемофилтрацијата која што ја користеме и на кратко би сакал да го објаснам начинот на употребата на овие филтри и нивната функција.
Филтерот кој што го користиме е oXiris® кој користи модифицирана AN69ST мембрана и кој што има афинитет и за ендотоксините и за цитокините. Овој филтер има три пати поголема адсорптивна моќ за ендотоксините и цитокините.
Допонително сетот oXiris беше авторизиран, односно одобрен од Американската администрација за храна и лекови ( Food and Drugs administration ) за лекување на пациенти болни од Sars – CoV2 вирусот.
Периодов доста се збореше за цитокинската бура, дали може да ни објаснете што претставува цитокинската бура и што е тоа што не загрижува при оваа состојба?
Д–р Угуров – Синдром на цитокинска бура се однесува на прекумерно ослободување на цитокини како одговор на надворешни стимули и претставува основна причина за акутен респираторен дистрес синдром како и мултиорганска слабост.
Во услови кога имаме зголемување на нивото на цитокините, како што се TNF-α, IL-6, IL-1 и IFN, тие можат да предизвикат патолошки реакции како што се дифузно оштетување на алвеолите, формирање на таканаречена транспарентна мембрана и белодробна фиброза
Цитокините кои навлегле во циркулацијата, можат да предизвикаат широка ендотелна дисфункција со појава на дисеминирана интраваскуларна коагулација ( DIK ) и мултиорганскка слабост.
Што може да биде заклучокот од оваа студија и зошто е толку специфична и важна ?
Д–р Угуров – Од самата студија може да се заклучи дека раното започнување на прочистување на крвта со употреба на oXiris® хемофилтер може да биде ефикасен начин во спречување на абнормалното ниво на воспалителните маркери кај пациенти со COVID-19 .
Исто така континуираниот мониторинг на виталните параметри, биохемиските, имунолошките маркери како и коагулационите фактори и рентгентските снимки ни дава можност за следење на тежината на болеста и ни овозможува прилагодување на терапија.
Комбинацијата на системски хепарин, екстракорпорално прочистување на крвта со употреба цитокини-апсорбирачки хемофилтри може да ја намалат хиперинфламацијата, спречуваат коагулопатија и го поддржуваат клиничкото закрепнување.