Одбележан 20-годишниот јубилеј на „Zan Mitrev Clinic“

Настани

март 03,2020


Акад. д-р Митрев:
Среќен сум што ве имам, што можам сето ова да го направам за вас и што сè што правам има смисла!

„Се надевам дека добро се забавувате, мило ми е што гледам многу драги луѓе. Ако не се ваквите настани нема да се видиме, а јас верувале или не тука сум цели 20 години. Низ што сè се мина во овие години, но важно е дека сме тука сме и правиме многу убави работи, направивме многу и ќе продолжиме и понатаму“, рече акад. д-р Жан Митрев, во своето обраќање пред присутните вчеравечер во хотелот „Александар Палас“ на свеченото одбележување на 20-годишниот јубилеј, на денот кога точно пред 20 години стартуваше со работа „Zan Mitrev Clinic“ на самиот почеток именувана како Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“.

Пред точно 20 години на 1 март 2000 година со првата бај-пас операција во Република Македонија се поставени темелите на современите медицински услуги. Токму тогаш почна да се пишува историјата во македонското здравство, новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија.

„Денеска е и посебен ден, денеска е Прочка, мене ми велат да простам, но еве и јас велам да ми простат сите на кои сум им згрешил, сите оние кои се со мене многу години, нека ми простат што сум ваков каков што сум. За нив не е баш лесно, нека ми простат оти барам и ред и дисциплина, и да се знае кој што прави, и да има меѓусебно почитување, да има хиерархија, да се знае кој коси кој вода носи. Не им е лесно затоа нека ми простат, ама нема да биде поинаку ќе биде така и затоа ќе тераме натаму“, се пошегува акад. д-р Митрев и уште додаде дека е горд што од болница како институција од која луѓето се плашат и трауматизираат успеал да создаде нешто сосема поинакво.

„Горд сум што имаме врвни луѓе, врвни доктори, вечерва и врвни гости, а правиме врвни работи. Значи, можно е во Македонија да се направи вакво нешто и јас тоа го покажувам со сè што правам и ако имав разни опоненти. Но факт е дека сè што правам е тука и останува тука и е за сите нас. Направивме еден систем во кој сите без разлика дали се работи за најголемиот бизнисмен или социјален случај ја добиваат истата услуга, истиот начин на третман, истиот човечки пристап и тоа го сметам за наше најголемо достигнување“, уште рече акад. д-р Митрев и пред сцената да им ја препушти на музичките гости, кои се погрижија за фантастичната атмосфера и заокружување на јубилејот, го цитираше едниот од нив, гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски кој често во нивните разговори велел – ’Успешен си ако си среќен’; „А јас“, рече акад. д-р Митрев, „сум многу среќен што ве имам сите вас, што можам сето ова да го направам за вас и дека сето она што го правам има смисла, а тоа го гледам на сите страни и тоа ме исполнува, тоа ме мотивира.“

Освен Стефановски, кој свиреше со своето трио, за одличната славеничка атмосфера беше задолжен и тенорот Павле Камилоски, кој со својот глас и уникатната изведба на италијанските канцони, француските шансони и неповторливите евергрини настапи во придружба на оркестар.

Во склоп, пак, на официјалниот дел од денот што стартуваше точно напладне се одржа симпозиум на тема: „Развој на кардиоваскуларната хирургија во последните 20 години“, а во кој учество зедоа врвни светски стручњаци од оваа област. Пред присутните зборуваа проф. д-р Марко Турина, поранешен директор на клиниката за кардиоваскуларна хирургија при Универзитетската болница во Цирих, Швајцарија и поранешен претседател на Европското здружение за кардиохирургија; проф. д-р Мартин Костолни, директор на одделот за клинички услуги за кардиоторакална хирургија, Грејт Ормонд стрит – болница, Лондон, Англија; проф. д-р Стивен Бибевски„Џо Димаџио“ детска болница институт за срце, трансплантација на срце и механичка срцева поддршка, Холивуд, Флорида, САД; проф. д-р Слободан Илиќ, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска детска клиника “Тиршовa”, Белград, Србија; проф. д-р Дитмар Шранц, Детска кардиологија, Универзитет „Јохан-Волфганг Гете“ во Франкфурт, Германија; проф. д-р Сотириос Прапас, директор на одделот за кардиохирургија „Хенри Дунант“ болнички центар, Атина, Грција; проф. д-р Иван Кнежевиќ, директор на центарот за трансплантација, оддел за кардиоваскуларна хирургија, Универзитетски клинички центар Љубљана, Словенија; проф. д-р Јорг Бабин Ебел, Клиника за кардиоваскуларна хирургија, „Бад Нојштадт“, Германија, проф. д-р Бојан Биочина, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска болница „Ребро“, Загреб, Хрватска; проф. д-р Антон Мориц, поранешен директор на одделот за кардиоваскуларна и торакална хирургија на Универзитетската клиника за торакална и кардиоваскуларна хирургија во Франкфурт, Германија. Честа да го заокружи симпозиумот му припадна на акад. д-р Жан Митрев, директор на „Zan Mitrev Clinic“.

Со почит,

Zan Mitrev Clinic