Одбележуваме: 15 Февруари – Меѓународниот ден на децата болни од рак

Дневна доза здравје

февруари 15, 2021


„Подобро преживување” е мотото на годинешната кампања во светски рамки, која се води со цел подигање на свеста за ракот како болест која се почесто ги напаѓа и децата. Одбележувајќи го денешниот ден – 15 Февруари – Меѓународниот ден на децата болни од рак, сакаме посебно да обрнеме внимание на фактот дека болеста кај оваа ранлива група во нашето општестсво носи се повеќе несакан исход.

Можеби звучи страшно, но досегашните резултати од анализите велат дека ракот станува водечка причина за смрт кај деца и адолесценти ширум светот. Звучи страшно, но за жал на секои три минути во светот едно дете умира од рак.

Ширум светот околу 400.000 деца на возраст од 0 до 19 години годишно се дијагностицираат со рак. Статистичките податоци говорат дека најчестите категории на карцином кај деца вклучуваат карцином на крвта (леукемија и лимфом), тумори на мозок и цврсти тумори, како што се невробластом и Вилмсов тумор.

Кога е во прашање излекувањето и преживувањето на децата болни од рак, статистиките покажуваат дека бројките се разликуваат во зависност од степенот на (не)развиеност на земјите. Согласно досегашните медицински сознанија утврдено е дека во високо развиените земји, над 80% од децата заболени од рак преживуваат, додека пак во останатите преживуваат само околу 20%. Но, сепак, дури и во високоразвиените земји, карциномот е водечка причина за смрт кај децата.

Смртните случаеви кај децата како резултат на ова заболување, би можеле да се намалат, доколку во слабо и средно-развиените земји се работи на корегирање на причините како: недостаток на дијагноза, погрешна дијагноза или пак задоцнето дијагностицирање. Тука секако големо влијание имаат и препреките во пристап до нега, напуштање на лекувањето, смрт од токсичност и повисоки стапки на рецидив т.е. кога болеста се повторува.

Повеќето карциноми кои се јавуваат во детството, може да се излекуваат со комбинација на хемотерапија и други третмани, вклучувајќи хирургија и радиотерапија.

Дури и во државите со повисоки примања, постојат препреки на чие отстранување се работи. Една од нив е недостатокот на терапевтски иновации, која е детектирана како клучна пречка и причина за стагнација на преживување кај малигните заболувања кои тешко се лекуваат. Светскиот ден на децата болни од рак се одбележува од 2002 година, кога била покрената иницијатива за време на меѓународната конференција на здруженија на родителити на деца заболени од рак. Оттогаш се одбележува во 88 држави, вклучително и кај нас.

Тригодишната кампања (2021-2023) користи универзална слика на шарени отпечатоци на детски раце за да ги претстави стапките на преживување на децата заболени од рак на национално, регионално и меѓународно ниво.