00389 2 3091 484
февруари 02,2013
Перкутано затварање на вентрикуларен септален дефект- современа алтернатива на хируршкото лекување
Во рамките на континуираното лекување на пациенти со вродени срцеви маани во текот на последните неколку месеци во ПЗУ Филип Втори се извршија неколку перкутани затварања на вентрикуларни септални дефекти (ВСД). Оваа срцева маана во блиското минато беше незамисливо да се третира интервентно и беше резервирана само за кардиохируршките тимови на операција на отворено срце под вонтелесна циркулација.
На ден 30.09.2012 година, кај пациентот И.И роден 1980 година, се изврши затварање на ВСД, прв пат самостојно од страна на интервентните кардиолози на Филип Втори. Пациентот И.И. со дијагноза перимембранозен ВСД, без срцева слабост и пулмонална хипертензија, со ехографски веќе претходно верифициран ВСД, беше примен за перкутана интервенција.
Ехокардиографија на ВСД
Прв чекор беше обезбедување на артериски и венски пристап преку ногата на пациентот и реализација на лева вентрикулографија, за подобра визуелизација на ВСД.
ЛВ вентрикулографија
Потоа преку отворот на ВСД се помина со жица – водилка и истата беше фатена со ласо и извадена надвор од телото на пациентот низ венската страна т.е. отвор. Ова е една од посложените постапки, т.н. екстернализација на жицата, за да се обезбеди артерио-венска јамка со ВСД во средина.
Потоа преку венската страна беше воведен долгиот водич-катетер, низ ВСД-то во аортата.
Од како сето ова беше постигнато, преку венскиот дел се отвори прво едниот диск во аортата на пациентот, и се влечеше наназад се додека не се позицинираше во отворот на ВСД (од лево во десно)
Позиционирање на протезата
И на крај, после адекватна ехо-контрола, протезата беше откачена во меѓукоморната преграда и системот извлечен нанадвор.
Откачување на протезата
Перкутаното затварање на ВСД во интервентните кругови се смета за напредната интервенција, која е ограничена само кај поедини центри и поедини лекари. Истата бара подолготраен тренинг и солидно познавање на интервентните техники како и добра ехокардиографска контрола.Со бројот од 15 ВСД протези во досегашната работа, како и со разновидноста на процедурите кои тука се изведуваат, Филип Втори се вбројува во центар каде се изведуваат напреднати интервенции на вродени срцеви маани.