По повод Светски ден на дијабетес се одржа едукативна работилница за новодијагностицирани пациенти

Настани

ноември 14, 2023

Дијабетесот е еден од најголемите светски здравствени предизвици на 21 век. Лошо контролиран дијабетес е поврзан со бројни потенцијални живото-загрозувачки компликации.
Светскиот ден на дијабетесот се одбележува секоја година на 14 ноември. Станува збор за глобална кампања за подигање на свеста која се фокусира на дијабетес мелитус, хронична болест која се јавува кога панкреасот не произведува доволно инсулин или кога телото не може ефикасно да го користи инсулинот што го произведува.

(Овој ден е креиран во 1991 година од страна на Меѓународната федерација за дијабетес (IDF) во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) како одговор на зголемената загриженост за дијабетесот ширум светот. Синиот круг е универзален симбол за дијабетес и означува единство во глобалната борба против дијабетесот.)

Целта на Светскиот ден на дијабетесот е да се подигне свеста за дијабетесот, неговите причини, симптоми, компликации и како може да се управува и спречи. Кампањата, исто така, има за цел да ја промовира важноста на раната дијагноза и пристапот до соодветен третман.
Стручниот тим од клиничката болница „Жан Митрев“ предводен од д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог, во текот на целата година вложува напори за подигнување на свеста за дијабетесот, спроведува едукација и обезбедува здравствена грижа за лицата со дијабетес во нашата држава. Едукацијата на пациентите со дијабетес е клучна за успешно управување со состојбата. Затоа оваа година во рамки на одбележување на Светскиот ден на дијабетесот, д-р Џулиана Михајловска од клиничката болница „Жан Митрев“ на покана на претседателот на Здружението на дијабетичари на општина Битола, на 10 ноември 2023 година во Битола, заеднички ја реализираа Првата едукативна работилница за новодијагностицирани пациенти.
Во текот на работилницата поддршка и совети за пациентите од различна перспектива споделија и М-р фарм. Нина Кирковска (раководител на инсулинска аптека – Депо за лекови при ЈЗУ Здравствен дом Битола) и психолог Биљана Солунчевска.

На работолницата покрај новодијагностицирани лица со дијабетес присуствуваа и лица кои подолго време се справуваат со оваа болест. Д-р Џулиана преку практични и непосредни совети ги обучи присутните како да се справат со секојдневните предизвици што ги носи дијабетесот и да го подобрат својот живот. Присутните со големо внимание ги следеа препораките на докторката и изразија задоволство од спроведената работолница и можноста за непосредна комуникација со д-р Џулиана Михајловска.
Душанка Атанасовка, претседател на Здружението на дијабетичари на општина Битола изрази благодарност за досегашната соработка и го пренесе интересот на лицата со дијабетес од општина Битола, за следни едукации што ќе ги реализира д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог од клиничката болница „Жан Митрев“.