Потребата од микробиолошка лабораторија

Дневна доза здравје

ноември 25, 2015

Основната цел на здравствената дејност е да се спасат што повеќе животи. За таа цел на здравствениот персонал му се потребни брзи, стабилни, сигурни и поврзани информации кои ќе осигураат точна дијагноза и терапија. Повеќе не смее да се практикува медицина и да се донесуваат одлуки за дијагноза и лечење,  засновани само врз основа на интуиција и искуства од минатата  пракса. Кога се работи за микробиологијата тоа се однесува на појавувањето на нови патогени микроорганизми и растечкиот проблем на создавањето на механизми на одбрана од масовната и неконтролирана употреба на антимикробни средства. Емпириското применување на антибиотици треба да се одбегнува.

Наједноставниот, но во исто време и најтежок проблем, е да се разграничи вирусна од бактериска инфекција, знаејќи дека антибиотикот делува само на бактерии, а не и на вируси. Многу е значајна поддршката на матичниот доктор кога не дал антибиотик, а микробиолошкиот наод потврдува отсуство на патогени бактерии, односно негативен резултат. А следно и конечно е да се препорача соодветен антибиотик врз основа на т.н. антибиограм, или осетливост на бактеријата кон одредени групи на антибиотици.
Микробиолошките анализи се неинвазивни и лесни за изведување, а многу корисни и најчесто единствени за поставување на етиолошка дијагноза на инфективните заболувања. Со примена на нови техники и организираност на работа, спороста на изведувањето на микробиолошките анализи веќе не претставува проблем. Правилната клиничка проценка на пациентот, земањето на соодветен примерок за микробиолошко иследување во вистинско време и од вистинско место,  овозможува точна дијагноза и адекватна антимикробна терапија, а со тоа и побрзо оздравување на пациентот, добар квалитет на здравствената грижа, како и значителна заштеда на здравствениот систем. Релацијата лабораториски – клинички персонал е двонасочна и содржи расправа за ефектите од  лекувањето на пациентите од инфективни заболувања, што овозможува споредување на ефектите in vitro-in vivo, односно, лабораторискиот резултат од антибиограмот (осетливост кон антимикробни средства) и одговорот на живиот организам (пациентот) на препорачаниот лек.

Микробиолошката лабораторија во „Филип Втори“ се грижи за пациентите додека престојуваат во болница и по нивното отпуштање, а отворена е за услуги на сите амбулантски пациенти и пошироко. Системот на издавање на резултат е потврден и содржи покрај изолат и антибиограм кој вклучува постоечка и очекувана резистенција кон тестираните антибиотици, како и клинички корисен коментар кој ќе му послужи на клиничкиот (матичен) доктор за подобро  толкување на резултатите, со цел за безбедно и сигурно оздравување на неговиот пациент. Со вакви лабораториски потврдени докази и во согласност со клиничката проценка лекарот треба да чувствува поддршка и сигурност. Усниот контакт со тимот на микробиолошката лабораторија уште при првични лабораториски резултати придонесува за голема заштеда  на средства, време и непожелни ефекти од непогоден антимикробен лек.
Лабораторијата е снабдена со најсофистициран автоматизиран систем за идентификација на бактерии и изработка на антибиограм со минимална инхибиторна концентрација Vitek 2 Compact кој се користи за рутинска примена.
Со оглед на фактот за големата примена на антимикробни средства без лабораториски потврдени докази, се согледува  големата улога на микробиолошката лабораторија и неможноста за функционирање на здравствениот систем без микробиолошка анализа.