Предијабетес – може ли да се вратиме чекор назад од патот кон дијабетесот?

Дневна доза здравје

септември 21, 2022

Според Американската асоцијација за дијабетес (АДА) предијабетесот претставува состојба на покачени нивоа на глукоза во крвта од нормалните вредности, но сеуште не доволно високи за да бидат дијагностицирани како дијабетес. Пациентите со дијабетес речиси секогаш поминале низ период на предијабетес, најчесто без да забележат некаква промена.

Ризик факторите за појава на предијабетес, во основа, се идентични како и факторите за дијабетес. Тука спаѓаат возраст над 45 години, позитивна семејна историја за дијабетес, покачена телесна тежина (пратена со хиперинсулинемија или инсулинска резистенција), присутен метаболен синдром (покачен крвен притисок, покачен холестерол и телесна тежина), физичка неактивност и сл.

Симтомите може, но и не мора да бидат присутни. Најчесто се јавуваат симптоми како кај дијабетесот, сува уста, жед, често мокрење, зголемен внес на храна и сл., а може да се јави и некоја од компликациите што се јавуваат кај дијабетесот.

Предијабетесот се манифестира во две состојби – нарушена гликемија на гладно и нарушена глукозна толеранција. Нарушената гликемија на гладно се дијагностицира со евидентирани покачени гликемиски вредности на гладно со уреден наод на оралниот глукоза толеранс тест, додека кај нарушената глукозна толеранција имаме повисоки вредности од нормалата во вториот час при оралниот глукоза толеранс тест, но сепак пониски од 11.1 mmol/l. Некои пациенти може да ги имаат и двете состојби во исто време.

За дијагноза се користат следните критериуми: измерена гликемија на гладно од 5.6 mmol/l – 6.9mmol/l, вредност на гликолизиран хемоглобин ХбА1ц 5.7% – 6.4% и вредност на гликемија измерена во вториот час при орален глукоза толеранс тест од 7.8 mmol/l – 11.1 mmol/l.

Најчесто префиксот ”пре” во називот на предијабетес дава потценувачки ефект и смисла на целокупното значење на оваа состојба која се прифаќа доста несериозно, па дури и се заборава дека воопшто постои. Треба да се знае дека во оваа фаза веќе започнува процесот на оштета на малите крвни садови на срцето, очите, мозокот, бубрезите. Според Американската асоцијација за дијабетес, овие пациенти имаат постојан ризик да развијат дијабетес тип 2 (25-40% ризик во наредните 5 години) и зголемен ризик од кардиоваскуларна болест.

Добрата вест е што оваа состојба може во целост да се повлече и организамот да се врати во здрава хомеостаза или во наjмала рака да се одложи појавата на дијабетес за подолг рок.
Со намалување за 5-7% од вкупната телесна тежина и редовна умерена физичка активност (30 минути дневно во тек на 5 дена од неделата) ризикот за појава на дијабетес значително се намалува, а состојбата на предијабетес се повлекува.

Во Клиниката Жан Митрев стоиме на располагање за навремено да го дијагностицираме предијабетесот и правилно да интервенираме, за што поскоро да се вратиме на вистинскиот здрав пат.