00389 2 3091 484
март 03,2013
Приказ на случај со Stanford B аортна дисекција
Пациентка на 56 годишна возраст беше примена во нашата установа поради болка во предел на градите и грбот со почеток 2 недели пред прием. Болката не е поврзана со движење, не се смирува со промена на положбата и користење на медикаменти, а во еден наврат пациентката дава податок и за повраќање. Претходно пациентката поради изразената симптоматологија е хоспитализирана во кардиолошка установа каде е дијагностицирана Stanford B дисекција. Ехокардиографскиот наод беше во прилог на дилатација и парцијална тромбоза на десцендентна аорта. Направена беше компјутерска томографија и дијагностицирана беше аневризма на абдоминална аорта (Craford III) со Stanford B дисекција на торакална аорта. При тоа аневризмата беше со максимален дијаметар од 6,6 цм кај реналните артерии, a. mesenterica superior и десната ренална артерија беа од вистинскиот лумен, додека truncus celiacus и левата ренална артерија излегуваа од лажен лумен со присутна исхемија на средениот и долениот пол на левиот бубрег.
На физикален преглед пациентката беше без значајни отстапки. Аускултаторно везикуларно дишење, срцева акција ритмична, тонови јасни, дијастолен шум над аортното устие 1-2/6.Преку торакофренолумботомија кај пациентката направена беше комплетна замена на десецендентната аорта до заедничките илијачни артерии со васкуларна протеза Albograft 24mm како и реимплантација на сите висцерални артерии. За време на оперативниот зафат користен беше Gott-шант за перфузија на долниот дел на телото со канилација на лакот на аорта и левата заедничка илијачна артерија, како и NIRS (nearly infrared regional spectrophotometry), посебна анестезиолошка неинвазивна техника за мониторирање на мозочна перфузија.Во постоперативниот тек пациентката беше комплетно стабилна со уредно будење и без невролошки испади.
Започната беше постепена мобилизација веќе првата недела постоперативно. Пациентката беше отпуштена дома по 3 недели од приемот во добра општа состојба.