Примерок од Графичката мапа “Форми 1“ предадена како легат на болницата

Дневна доза здравје

јануари 18, 2017

По промоцијата на трите примероци во октомври во Париз, ноември во Берлин и декември во Солун, четвртиот примерок од графичката мапа “Форми“, Мице Јанкуловски го промовираше и како легат го предаде на користење на д-р Жан Митрев и неговата болница на 18 јануари, 2017 година. Во своето обраќање пред присутните тој ја истакна заедничката нитка на сите овие четири примероци. “Тоа е посветеноста кон квалитет. Верувам дека сите што се дел од болницата, било вработените или надворешни лица или пациентите, се свесни дека во оваа зграда се поставени високи стнадарди на квалитет“, изјави Јанкуловски. Под висок стандард на квалитет, како што ја парафразираше мислата на уметницата, Марина Абрамовиќ, тој кажа дека се подразбира вложување на 120-140 % од можностите на човекот. “Само тој човек кој вложил толку многу енергија, труд и посветеност во некоја работа го има остварено својот сон. Еден од тие луѓе е и  д-р Жан Митрев и затоа оваа графичка мапа ја подарувам на него. Се надевам дека истата ќе најде соодветно, специјално место во оваа болница која поседува висок стандард на квалитет“, додаде тој.
Во името на д-р Митрев, кој беше повикан на итна операција во сала, графичката мапа “Форми 1“ ја прими д-р Тања Анѓушева. “Преку овој подарок, кој со задоволство го примаме сакам да се заблагодарам за укажаната чест, особено што ова е значајно призание  за квалитетот на болницата и нашата работа. За нас, како лекари тоа е највредната потврда, затоа што квалитетот кој сте го препознале, стимулира благородни чувства кај оние што се директни приматели на нашата работа. На крај , тој квалитет резултира со здравје, благосостојба и среќен живот на нашите пациенти“, изјави д-р Анѓушева.
Ова дело е изработено во рамките на проектот “70 графички мапи за 70 години ОСТЕН” кој започна во 2015 година за создавање на библиотека (која  е единствена во светот) на графички мапи “Светско културно наследство”, продуцирана е графичката мапа на Мице Јанкуловски „Форми I“. Мапата се состои од 10 графички листови со димензии 44 х 32 см во тираж од 4 примероци. Првиот примерок на мапата беше промовиран во хотел Хајат во Париз, на 16 октомври 2016 година и беше подарен на г. Хозе E. Прието, претседател на БИД (BID – Business Initiatives Directions). Вториот примерок беше промовиран во хотел Парк Ин – Александар плац, Берлин, на 23 ноември 2016 година и беше подарен на г. Волтер Колбо, претседател на Германско-македонското здружение во Берлин, додека пак третиот примерок беше промовиран на саемот за уметност “Thessaloniki Art 2016” на 2 декември 2016 и подарен на градоначалникот на Солун, г. Јанис Бутирис.