Продолжува успешниот тренд на третман на пациенти со структурни срцеви заболувања во Република Македонија

Дневна доза здравје

јануари 14, 2016

Бројот на пациентите со вродени структурни болести на срцето,  врз кои се направени интеревенции во нашата болница изнесува  531. Меѓу последните петмина кои беа неодамна интервентно третирани од страна на нашите интервентни кардиолози  д-р Иван Милев , д-р Вилма Ампова  и д-р Жан Зимбаков ,  беше и пет  годишниот  Д. А од Скопје. Неговите родители презадоволни од  работата на  лекарите и третманот на нивното дете од страна на нашиот тим.

„ Огромна благодарност до д-р Милев и сите кој беа околу нашиот син. Како родители пресреќни сме што заврши добро оваа наша неизвесност која трае од неговото раѓање. Тој имаше само 6 месеци кога на редовен преглед,  пред  да прими вакцина, му беше откриен шум на срцето. Докторката која прва го дијагностицираше  не испрати на детска  клиника .  Таму преку  ЕХО преглед ни потврдија дека има отвор помеѓу двете предкомори, отвор кој му е од раѓање. Веднаш ни посочија  да ни закажат во Бугарија термин , таму  да се направи интервенцијата , но ние сакавме да побараме и второ мислење.  Тоа беше во 2011 година, тогаш дојдовме тука во „Филип Втори“  кај д-р Милев,  кој  го прегледа нашето синче и ни ја верифицираше дијагнозата.  Разговорт со него не смири , ни рече дека  нема место за паника , дека не треба да се грижиме.  Препорача да почекаме да видиме дали отворот ќе се затвори сам или сепак по некое време ќе треба да се интервенира. Од тогаш на секој 12 месеци доаѓавме на контроли. Кога бевме последниот пат по прегледот на ЕХО  д-р Милев ни кажа дека е време да се затвори отворот, закажавме термин и ете гледате нашиот син е весел,  добар. Работите се завршија најпрофесионално, а ние после ова сме најсреќни родители.  Нашиот син се уште не знае за проблемт кој го имаше само му кажавме дека е овде во болница затоа што срценцето сега му го направија да му биде подобро. Како што не информираше д-р Милев за време на интервенцјата цело време бил стабилен , се надеваме дека како што расте нема да има никакви проблеми  “ изјави мајката на малолетниот Д. А.

За петгодишниот Д.А го прашавме и д-р Милев , кој е  првиот во Македонија кој пред  13 години ја направи првата интервенција  на  детско срце. Тој ни го изјави следното:

„Детето  имаше атријален септален дефект (ASD sekundum) тоа  е вроден отвор меѓу двете предкомори.  Интревенцијата помина добро,  поставена му е протеза на местото на отворот. По неполни 24 часа малиот пациент е пуштен од болница.  Истиот ден,  поточно истото попладне направивме уште 4 интервенции на пациенти со оваа дијагноза. Сите пациенти беа примени на пладне, испишани за дома следниот ден, со успешно завршени процедури и без компликации.

Трендот на амбулантско лекување на вродените срцеви дефекти продолжува. Во првите 2 месеци од оваа година планирани се десетина нови интервенции.