00389 2 3091 484
април 04,2014
Регионална интравенска анестезија (RIVA) како метод на избор кај еднодневна хирургија (fast track surgery)
Во склоп со најновите тенденции за намалување на болничкиот престој на пациентите се прибегнува кон користење на регионални техники за анестезија. Што претставува RIVA? Регионалната интравенска анестезија претставува аплицирање на локален анестетик со пониска концентрација во венскиот систем. Овој тип на анестезија е индициран за секоја процедура на раката под лактот или на ногата под коленото, која ќе биде завршена во рок од 40-60 минути. Почетокот на анестезија е брз и може да се добие задоволителна мускулна релаксација. Единствена опрема потребна за да се изврши оваа постапка е манжетна (tourniquet) и интравенска канила, поставена во дисталната вена од екстремитетот на кој што треба да се изврши процедурата. Лек на избор за RIVA е prilocaine или lignocain.Пред почетокот на процедурата треба да се измери крвниот притисок на пациентот. Интравенската канила, потоа, се пласира во дисталната вена од ногата или раката (на пример, во дорзалниот дел на раката или ногата). Потоа се поставува манжетната на надлактицата или бутот. Подобар ефективен блок се постигнува ако екстремитетите се обезкрват пред манжетната да се надува. Ова се изведува така што екстремитетот се обвиткува со Esmarch гумени завои, за да се обезкрви и потоа се надувува манжетната. Меѓутоа, ако оваа постапка е премногу болна за пациентот, прифатливо е едноставно да се подигне раката или ногата за 20-30 секунди, и истовремено да се врши благ притисок на брахијалната или феморалната артерија. Ова ќе овозможи венската крв да се исцеди од екстремитетите, додека притисокот на феморалната или брахијалната артерија спречува понатамошно полнење со артериска крв.
Сл. 1
Манжетната се напумпува до 50mm/Hg или повеќе, над систолниот притисок од пациентот. Локалниот анестетик, потоа, полека инјектира во канилата и на пациентот му се кажува дека на ногата или раката може да чувствува топлина. Аналгезијата настапува во рок од 3-4 минути и тогаш може да се почне со интервенцијата. Ако операцијата е долготрајна, пациентот може да се пожали на болка поради притисокот од манжетната. Оваа болка може да се намали со инфилтрација поткожно од неколку милилитри на локален анестетик над манжетната или со употреба на “двојна tourniquet техника”. Ако се користи методот на двојна манжетна, прво се дува проксималната манжетна (горната) и се аплицира локалниот анестетик. Ако пациентот почнува да чувствува нелагодност или болка, се дува дисталната манжетна (долната), додека проксималната се отпушта. На крајот од постапката, манжетната се отпушта и нормално чувство се враќа во рок од 2-3 минути. Се смета дека ако манжетната бавно се отпушта, стапката на одмивање на локалниот анестетик од екстремитетот е намалено, а оттука и појавата на несакани ефекти е намалена. Интравенската регионална анестезија е исклучително безбедна и многу ретко се јавуваат проблеми. Најважните компликации се должат на токсичноста на локалните анестетици и се случуваат ако манжетната одеднаш се издува веднаш по апликацијата на локалниот анестетик. Забележани се вртоглавица и тинитус, грчење на мускулите. RIVA е едноставна техника која лесно се учи и изведува. Многу е безбедна ако се даваат соодветни дози на локалниот анестетик, ако притисокот во манжетната е внимателно следен.