00389 2 3091 484
март 03,2026
Пациентот Марјан Станојковиќ (59) успешно ја помина една од најсовремените и најкомплексни кардиохируршки процедури, со што доби нова шанса за поквалитетен живот.
Тој беше примен на лекување со сериозна дијагноза – конгестивна срцева слабост поради глобална срцева декомпензација, состојба при која срцето не е во можност ефикасно да пумпа крв низ организмот. При приемот пациентот се соочуваше со изразени симптоми како голем замор, малаксаност, отекување на нозете и стомакот, како и постојана кашлица, што значително го отежнуваше неговото секојдневие. Осум години од неговиот живот поминати во тежок хендикеп за неможност за движење и нормална активност во секојдневието.
По детални кардиолошки и кардиохируршки проценки, медицинскиот тим одлучи дека кај пациентот е неопходно да се вгради двојномеханичка потпора на десната и левата комора за да се овозможи нормална функција на срцето. Така на ден 22.01.2026 кај пациентот се поставија 2 пумпи за левата комора LVAD и за десната комора RVAD тип HM3, кои со стручноста на тимот беа синхронизирани за подобрување на квалитетот на работа на срцето на пациентот.
HeartMate 3 LVAD е една од најсовремените генерации на вакви системи во светот, дизајнирана да обезбеди стабилен проток на крв, подобрување на симптомите и значително подобрување на квалитетот на животот кај пациенти со тешка срцева слабост.
По успешно изведената операција и внимателниот постоперативен третман, пациентот помина речиси еден i pol месец на лекување и рехабилитација во Клиниката, каде што беше континуирано следен и едуциран за начинот на живот со имплантираниот систем. Особено внимание беше посветено на обуката за користење на уредот, контролите и секојдневните активности, со цел пациентот безбедно и сигурно да се врати во домашна средина.
Денес, Марјан Станојковиќ ја напушти клиниката во добра кондиција и стабилна здравствена состојба, придружуван од своето семејство, подготвен за ново поглавје во животот.
Во своето сведоштво, тој зборува за целиот процес на лекување, грижата од медицинскиот тим и искуството од престојот во Клиника Жан Митрев, испраќајќи порака на надеж до сите пациенти кои се соочуваат со слични здравствени предизвици.
Погледнете го неговото лично сведоштво во видеото што следи.