00389 2 3091 484
март 5, 2020
Менопаузата, позната и како климактериум или втор пубертет, го означува крајот на менструацијата, а со тоа и можноста жената да раѓа и да го проширува семејството. Менопаузата се дефинира како состојба на отсуство на менструација во текот на 12 последователни месеци.
Завршувањето на репродуктивниот период е резултат на намаленото лачење на женски хормони (естроген и прогестерон) од јајниците. Транзицијата од плодна во неплодна состојба кај жените се случува постепено, во текот на неколку години и е последица на биолошкото стареење. На крајот, јајниците веќе не произведуваат јајце-клетки и жената не може да остане бремена, но сепак останува сексуално активна, здрава и витална вели Проф. д-р Васил Илиев, специјалист по гинекологија и акушерство.
Почетокот на менопаузата е индивидуален. Најчесто настапува меѓу 45 и 55-годишна возраст, но има и жени кои влегуваат во менопауза во 30-тите или 60-тите години од животот. Се смета дека просечната возраст на која жените стапуваат во менопауза е 51 година.
Во периодот на менопауза јајчниците лачат естрогени, но има недостиг на прогестерон – хормони кои го регулираат нормалниот менструален циклус и плодноста. Во овој период ризиците за остеопороза се зголемуваат, како и за кардиоваскуларни заболувања и когнитивен пад, затоа жените во менопауза мора да внимаваат и на здравјето на кардиоваскуларниот систем и да почнат со редовни кардиолошки прегледи за да спречаат посериозни компликации. Иако 70 до 80 проценти од жените во менопауза забележуваат топли бранови и ноќни препотувања (вазомоторни симптоми), минливи сензации на топлина, потење, вознемиреност или студ што трае 1 до 5 минути (или некоја комбинација од нив), само 25% бараат помош.
Со опаѓање на нивото на естроген, терморегулационата зона на терморегулациониот центар во мозокот се стеснува, што доведува до опишаните симптоми кај жената.
Еве некои симптоми кои укажуваат на почеток на менопауза.
Нередовниот циклус е првиот и највообичаен симптом на менопауза. Тој е резултат од нестабилноста на хормоните на вашето тело кои работат до крајот на вашата плодност.
Топли, а понекогаш и ладни валунзи се случуваат ненадејно и предизвикуваат црвенило во лицето. Сето тоа се случува заради падот на естрогенот.
Жените кои минуваат низ менопауза можат да страдаат од несоница затоа што не можат да спијат од брановите на жештина. Освен снабдувањето на телото со естроген, во периодот на менопауза опаѓа и снабдувањето на прогестерон.
Заради намаленото производство на естроген, кој е одговорен за одржување на влажноста на вагината, ткивото почнува да се суши и станува помалку еластично.
Чувството на напнатост, изиритираност и депресија можат да ја совладаат жената која минува низ менопауза. Вознемиреност и губење на емоционалната стабилност се вообичаени симптоми, како и нападите на паника и физичките знаци, како забрзано биење на срцето и отежнато дишење.
Заради хормоналната неурамнотеженост екстремитетите почнуваат полека да отекуваат и да болат. Меѓутоа, доколку е болката се зачестена и понеподнослива, треба да се оди на лекар.
Чест симптом на влегувањето во менопауза е и постоењето на хормонална неурамнотеженост која се гледа и во промените во растењето на косата. Заради намаленото производство на естроген може да дојде и до проретчување или до губење на косата.
Вазомоторни симптоми, распространети кај перименопаузални и менопаузални жени, се поврзани со намален квалитет на спиење, потешкотии во концентрацијата, раздразливост, намален квалитет на живот, послаб здравствен статус и губење на цвстината на коските.
Исто така менопаузата може да се поврзе и со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања и когнитивни промени.
Генитоуринарен синдром на менопауза, со промени во мочниот меур, вулвата и вагината, постои кај скоро половина од жените во постменопауза. Симптомите вклучуваат вагинална сувост, жежење, иритација, сувост, диспареунија (болен секс), уринарни тегоби како итност и фреквенција, дизурија и повторливи инфекции на уринарниот тракт. Ова во значајна мерка влијае на интимните односи и воопшто на квалитетот на животот.
Менопаузалната хормонска терапија обезбедува олеснување на вазомоторната симптоматологија (топлотни бранови, ноќни потења, лош сон и т.н.) ја намалува остеопоозта и ризикот од фрактури и (администрирано локално) се санира генитоуринарниот синдром на менопаузата.
Особено е полезно жените да се информираат што точно ги очекува во менопаузата, како и за различните опции кои им стојат на располагање во случај да им биде потребна помош за полесно поднесување на симптомите и евентуалните последици.