Електрофизиологија

Преку клик на линкот може веднаш да закажете преглед on-line или преку нашиот контакт број на 02 3091 484
Консултативен преглед со кардиолог-електрофизиолог
Електрофизиолошка студија е инвазивно испитување која се применува за проценка, дијагностика и лекување на неправилен срцев ритам.
Причини поради кои треба да се направи електрофизиолошка студија
- Да се лекува документирана тахикардија
- Да се лоцира изворот на неправилниот срцев ритам
- Да се процени ефикасноста на ординирани лекови во лекување на неправилниот срцев ритам
- Проценка на симптоми како несвестица, губиток на свест, срцебиење
- Проценка на останати причини за неправилна работа на срцето кои не можат да се испитаат со неинвазивни методи
За време на електрофизиолошката студија, докторот (супспецијалист во лекување на пореметување на срцевиот ритам – Електрофизиолог) го испитува електричниот систем на срцето со помош на неколку специјални жици (електродни катетери) поставени во срцето, а преку кои се снима интракардијалниот електрокардиограм (електрограм). Овие електродни катетери се внесуваат преку воведници поставени во вените од препоните, раце, рамо или вратот.
Откако ќе се позиционираат во срцето, електродните катетери се користат за мерење на електрични сигнали кои срцето ги генерира и спроведува при неговата работа. Паралелно со ова, преку истите жици се испраќаат електрични сигнали до срцето, со цел да се репродуцира абнормалниот срцев ритам. Со овие основни техники се испитуваат голем број од пореметувањата на срцевиот ритам, а се користат и за проценка на ефикасноста од медикаментозен третман кај некои аритмии.