Што е кардиомиопатија и кои се нејзините предизвикувачи?
Дневна доза здравје
март 03,2022
Кардиомиопатија е болест на срцевиот мускул која ја отежнува работата на срцето односно пумпањето крв низ телото. Кардиомиопатијата може да доведе до срцева слабост. Има неколку основни типови на кардиомиопатија: дилатантна, хипертрофична и рестриктивна. Типот на третман што ќе го добиете зависи од тоа каков тип на кардиомиопатија имате и колку е тешка и може да вклучува: лекови, хируршки вградени уреди, операција на срцето или, во тешки случаи, трансплантација на срце.
Симптоми
Во раните фази на кардиомиопатија може да нема знаци или симптоми. Меѓутоа, како што напредува состојбата, обично се појавуваат следните симптоми:
Губење здив при физичка активност или дури и при одмoрање
Оток на нозете, глуждовите и стапалата
Отекување на абдоменот поради акумулација на течност
Кашлица при лежење
Тешкотии при спиење во хоризонтална положба
Замор
Отчукување на срцето кое се чувствува како брзо чукање или треперење
Непријатност или притисок во градите
Вртоглавица, зашеметеност и несвестица
Знаците и симптомите имаат тенденција да се влошат доколку не бидат соодветно третирани. Кај некои луѓе, состојбата брзо се влошува; кај други, може да помине долго време пред состојбата да се влоши.
Фактори на ризик
Постојат голем број фактори кои можат да го зголемат ризикот од кардиомиопатија, вклучувајќи:
Семејна историја на кардиомиопатија, срцева слабост или ненадеен срцев удар
Долгорочен висок крвен притисок
Болести кои влијаат на срцето, како што се претходни срцеви удари, коронарна артериска болест или инфекција на срцето (исхемична кардиомиопатија)
Дебелината, која го тера срцето да работи понапорно
Долготрајна прекумерна консумација на алкохол
Незаконски дроги, како што се кокаин, амфетамини и анаболни стероиди
Третмани со одредени лекови за хемотерапија и зрачење за рак
Одредени болести, исто така, го зголемуваат ризикот од кардиомиопатија, како што се:
Дијабетес
Болести на тироидната жлезда
Прекумерно складирање на железо во телото (хемохроматоза)
Амилоидоза
Саркоидоза
Нарушувања на сврзното ткиво
Компликации
Кардиомиопатијата може да доведе до сериозни компликации, како што се:
Срцева слабост – кога срцето не може да пумпа доволно крв за да ги задоволи потребите на телото. Ако не се третира, срцевата слабост може да биде опасна по живот.
Згрутчување на крвта. Ако срцето не може ефикасно да пумпа, поголема е веројатноста да се формираат згрутчувања во срцето. Ако згрутчувањето влезе во крвотокот, тие може да го блокираат протокот на крв во други органи, вклучувајќи го срцето и мозокот.
Проблеми со срцевите залистоци. Бидејќи кардиомиопатијата предизвикува зголемување на срцето, валвулите може да не се затворат правилно. Ова може да предизвика ретрограден проток на крв во валвулата.
Срцев удар и ненадејна смрт. Кардиомиопатијата може да предизвика абнормален срцев ритам што предизвикува губење на свеста или понекогаш ненадејна смрт ако срцето престане да чука ефикасно.
Превенција
Во многу случаи, кардиомиопатијата не може да се спречи. Информирајте го вашиот лекар ако имате семејна историја на состојбата. За да го намалите ризикот од кардиомиопатија или други срцеви заболувања, добро е да одржувате здрав начин на живот и да усвоите навики како што се:
Избегнување на консумирање алкохол или кокаин
Контролирање на високиот крвен притисок, високиот холестерол и дијабетесот
Консумирање здрава исхрана
Редовно вежбање
Спиење добро
Намалување на стресот.
Мултидисциплинарниот тим кои се грижи и соодветно ги третира сите срцеви заболувања во Клиничката болница Жан Митрев е составен од кардиолози, педијатриски кардиолози, интервентни кардиолози, кардиохирурзи, како и анестезиолози и интензивисти високо специјализирани за пациенти со срцеви заболувања кои периодично се состануваат за да разговараат и заеднички да одлучат за најдоброто решение за секој пациент.
Поврзани Новости
11.11.2024
Редовните контроли – клучни за навремено откривање и решавање на заболувањата на простатата
Кога зборуваме за машкото здравје и современиот начин на живеење, најчесто споменуваниот орган кој страда е простатата. Простатата е дел…
Гинекомастијата претставува состојба на абнормално зголемување на дојките кај машките индивидуи. Се јавува како резултат на дисбалансот меѓу машките и…