Што е кила? Неколку прашања и одговори

Дневна доза здравје

ноември 17, 2020


Што се подразбира под кила, а што се препонски кили?

Под кила се подразбира протрузија на интраабдоминални органи низ природните или стекнати отвори на абдоминалниот ѕид, а како резултат на диспропорција помеѓу интраабдоминалниот притисок и јачината на абдоминалниот ѕид. Секоја кила се карактеризира со: килна ќеса, килен отвор и килен содржај. Врз основа каде се наоѓа килата таа може да биде препонска (ингвинална) кила, на самиот папок (папочна-умбиликална) кила, над самиот папок (епигастрична кила) и др.

Колку се чести препонските кили?

Препонските кили се најчести во однос на сите кили и тие претставуваат околу 85% од сите хернии што воопшто се јавуваат, после нив следуваат феморалните хернии со 8-10%, потоа папочните кили со 3%, а останатиот процент го прават сите останати хернии. Херниите се четири пати почести кај мажите, отколку кај жените во добар дел како резултат на топографско-анатомските односи (посебно кај ингвиналните хернии).

Поради што се јавуваат?

Препоснките кили најчесто настануваат како резултат на некои ембриолошки карактеристики: имено во текот на спуштањето на тестисот се повлекува и испакнувањето на перитонеумот – procesus vaginalis peritonei и со тоа се затвара отворот према тестисот. Ако не дојде до сраснување, procesus vaginalis останува трајно отворен, па настанува основа за вродени препонски кили.Поради ова состојба често се случува и кај новородените  деца да се јават ингвинални хернии.

Стекнатите хернии најчесто се јавуваат како резултат на зголемен интраабдоминален притисок и слабост на природните отвори кои нормално се наоѓаат во препоните и тоа во пределот на длабокиот ингвинален отвор од каде што излегува funicilus spermaticus и површниот ингвинален отвор кој претставува два снопа на тетивни влакна на апоунерозата на musculus obliqus externus. Врз основа на тоа од каде се појавува килната ќеса постојат два типа на хернија: директна и индиретна хернија.

Индиректната ингвинална хернија настанува како резултат на пореметувања во развитокот, кое е поврзано со спуштањето на тестисот во скроталната ќеса. Од ова произлегува делумно или потполно отворен procesus vaginalis.

Диреткната хернија најчесто се појавуа кај луѓе над 40 години кога мускулатурата станува се послаба и помалку еластична. Спаѓа во групата на стекнати хернии, а почетно место најчесто претставува fovea inguinalis medialis, а во текот на хернијата учествуваат само периотноеумот, fascia transversalis и површната фасција.

Дали се почести кај девојчиња или кај момчиња?

Врз основа на анатомските разлики кои постојат кај девојчињата и момчињата веќе во стартот може да се каже и потврди дека почеста е појавата на ингвинална хернија кај момчињата во однос на девојчињата и тој однос отприлика изнесува 4 према 1.

Кои се показателите односно симптомите за препонските кили?

Симптомите кај препонските кили се најчесто во почетокот појава на болка во пределот на препоните која што болка посебно се потенцира при стоење, одење, кашлање, кивање, дигање на поголем терет, скокање и др. Во почетокот не мора визуелно да се гледа било какво испакнување за да се верифицира постоење на кила но во подоцнежниот период постепено почнува да се формира килната ќеса и таа може да биде со различна големина (со големина како поголем орев па до големина на фудбалска топка па и поголеми).

Ингвиналните кили кои се со помал отвор всушност претставуваат кили каде што најчесто доаѓа до вклештување за разлика од ингвиналните кили со поголем отвор. Значи најчест и единствен симптом кај херниите е болката во препонскиот дел како и визуелното испакнување во тој дел.

Каков е третманот, лекувањето на кила? Дали единствено решение е хируршки зафат или има и друго решение?

Лекувањето на препонските кили најчесто е оперативно лекување на истите, единствено кога постојат разни коморбидитети врз основа на кои е контраиндицирано давање на анестезија лекувањето може да биде конзервативно односно со носење на специјални појаси за ингвинални хернии унилатерални или билатерални. Во денешно време оперативното лекување претставува претставува рутинска рабтоа. Во решавањето на препонските хернии постојат многубројни техники кои можат да бидат тензиони или пак не тензиони методи.

Порано почесто се користеле тензионите техники кај кои не се употребувале mesh (мрежички), додека во денешно време најчесто се користат не тензионите методи каде што може да се користат мрежички. Во  Жан Митрев Клиник се користи една од најновите техники на решавање на препонските кили која што е започната да се работи во светот од 2002 година а во Македонија започна да се користи од  2003 година благодарејки на моето усовршување во Умберто први болницата во Венеција каде што се одржа работилница за оваа техника.

Какви правила важат за пациентот пред и по операцијата?

Предоперативно се препорачува пациентите да внимаваат на подигање на тежок терет, скокање, при кашлање и кивање да се фатат во пределот на килата и да притиснат во моментот кога ќе осетат зголемување на интраабдоминалниот притисок бидејќи во такви моменти најчесто доаѓа до вклештување на килата.

За постоперативниот тек за разлика од порано, правилата на однесувања се различни во зависнот од техниката која е користена. Имено порано е сугерирано да пациентите после операција да не треба да подигаат потежок терет, да не се занимаваат со потешка физичка работа подолг период бидејќи е потребно да поминат околу шест месеци за да настане подобро зараснување и да може околнот ткиво 80% да превземе од функцијата.

Но во денешно време со постоење на современите оперативни техники и користење на специјалните мрежички постоперативниот тек е многу побрз и е потребно пациентите да внимаваат на подигање на потежок терет или пак физичка работа само во првите две недели. После овој период тие се спремни и за најтешки физички активности а опасноста од појава на рецидив е сведена на 0.

Какви совети би им дале на читателите за да се заштитат од овие типови на кила?

На читателите би им препорачал да внимаваат при зголемена физичка активност да не дојде до претерано зголемување на интраабдоминалниот притисок при што може да дојде до појава на кила, но и да не се оптеретуваат премногу со оваа состојба затоа што оперативното решавање на килите во денешно време е рутинска работа и штом ќе се посомневаат дека има кила од било кој тип се препорачува веднаш да се јават кај хирург бидејќи најдобар начин за лекување на препонските кили е хируршкиот.

Прим. д-р. Мане Хаџи-Манчев
Спец. по пошта хирургија