Што е колоректален карцином? Може ли да се спречи?

Дневна доза здравје

август 18, 2021


Колоректалниот карцином како што и неговото име кажува е поврзан со цревата, поточно дебелото црево. Она што е основна карактеристика на овој вид на рак е тоа што, за разлика од останатите видови постојат широк спектар активности кои можат да бидат спроведени со цел превенција на оваа болест. Особено што развојот на карциномот на дебелото црево во скоро сите случаи претставува долготраен процес т.е не се појавува преку ноќ. Всушност, колоректалниот карцином се развива од премалигни лезии наречени полипи. Тие се израстоци на слузокожата на цревата, кои доколку не се третираат и продолжат да се развиваат, завршуваат со канцер. Овој процес трае повеќе години, што значи дека има многу можности да се отстранат овие полипи пред тие да станат малигни.
Важно е да се напомене дека во 90% од случаите, ракот на дебелото црево се развива од полип, а во 75% има семејна историја.

Кои се симптомите?

Полипите немаат никакви симптоми. Присуството на крварење, анемија, промени во ритамот на столицата или губење на тежината, меѓу другите, може да бидат причина за веќе развиен тумор.
Како може да се спречи?
За да се избегне појава на карцином на дебелото црево, се препорачува да се консумира храна богата со растителни влакна, да се намали внесувањето на црвено месо и маснотии, да се ограничат висококалорична исхрана, да се одржува постојана телесната тежина, да се биде физички активен најмалку во траење од 30 минути секој ден, да се избегнува тутун и да се намали внесувањето на алкохол.

Која е ризична популација?

  • Сите возрасни лица од 50 – 75 годишна возраст, но не се исклучува можноста за појава на оваа болест и кај помлада возраст.
  • Оние со семејна историја на колоректален карцином или полипи
  • Оние кои претходно имале полип
  • Пациенти со воспалителни болести на цревата (улцеративен колитис или Кронова болест).

Која е нејзината инциденца?

Доколу споредуваме од географски аспект, Австралија и Нов Зеланд, па потоа Европа и Северна Америка ги имаат највисоките стапки на инциденца (зачестеност). Додека најниски стапки се забележуваат во Африка и Јужна, Централна Азија. Овие разлики поврзани со географската позиција се припишуваат на разликите во исхраната и животната средина, кои пак се комбинираат и со генетски утврдените предиспозиции.

Кога треба да се контролирате?

Секој треба да направи соодветна консултација барем еднаш годишно по 50 година од животот со специјалист гастроентеролог или абдоминален хирург за да се утврди најдобриот метод на испитување и следење. Со оглед на фреквенцијата на оваа болест, важно е сите луѓе да бидат заинтересирани и за оваа проблематика да разговараат со својот лекар.