Што претставува хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ)?

Дневна доза здравје

ноември 11,2023

Хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) е група на белодробни заболувања кои го отежнуваат дишењето и истата се влошува со текот на времето.
Дишните патишта и алвеолите на белите дробови се еластични и се шират. Додека вдишувате, низ вашите дишни патишта влегува воздух кој го снабдува телото со кислород. Доколку имате ХОББ, количината на воздух кој влегува и излегува низ дишните патишта е ограничена, а тоа може да предизвика проблеми:

  • Дишните патишта и алвеолите на белите дробови стануваат помалку еластични,
  • Ѕидовите на дишните патишта стануваат дебели и можат да имаат оток,
  • Дишните патишта произведуваат повеќе слуз од нормалното и може да се блокираат.

Кои се видовите на ХОББ?

Постојат 2 два главни типа:

  • Емфизем: Тој ги зафаќа пулмоналните алвеоли, како и ѕидовите меѓу нив. Кај овој тип тие се оштетени и помалку еластични
  • Хроничен бронхитис: Кај овој тип, слузницата на дишните патишта е постојано иритирана и воспалена, што доведува до појава на оток и слуз.

Повеќето луѓе со ХОББ имаат емфизем и хроничен бронхитис, но сериозноста на секој тип може да биде различна во зависност од личноста.

Која е причината која предизвикува ХОББ?

ХОББ обично е предизвикан од долготрајна изложеност на надразнувачи кои ги оштетуваат белите дробови и дишните патишта. Чадот од цигарите е идентификуван како водечка причина за оваа болест (согласно истражувања во САД), пурите и другите видови чад од тутун исто така може да предизвикаат ХОББ, особено ако се вдишуваат во континуитет.

Изложеноста на други надразнувачи преку вдишување исто така можат да придонесат за појава на ХОББ. Тие вклучуваат пасивно пушење, загадување на воздухот и хемиски испарувања или прашина од околината или работното место. Возраста и астма исто така се дел од можните причинители на оваа болест.
Генетската состојба наречена дефицит на алфа-1 антитрипсин, во ретки случаевио, но сепак може да игра улога во предизвикувањето на ХОББ.

Кои се симптомите на ХОББ?

Симптомите може да изостануваат на почетокот или може да бидат само благи. Како што болеста се влошува, нејзините симптоми обично стануваат потешки.
Тие може да вклучуваат:

  • Честа кашлица или кашлица која произведува многу слуз
  • Отежнато дишење
  • Звук на кркорење или свирење кога дишете
  • Недостаток на здив, особено ако сте физички активни
  • Чувство на притисок во градите

Некои индивидуи со ХОББ добиваат чести респираторни инфекции, како што се настинки и грип. Во тешки случаи, ХОББ може да предизвика губење на тежината, мускулна слабост, ограничена мускулна активност и оток на глуждовите, стапалата или нозете.

Како се дијагностицира ХОББ?

За да се постави дијагноза, вашиот доктор може да се послужи со:

  • Вашата медицинска историја, вклучувајќи прашања за вашите симптоми
  • Вашата семејна историја
  • Различни лабораториски тестови, како што се тестови за белодробна функција, рендген на граден кош или КТ скен и крвна слика.

Како се третира ХОББ?

ХОББ не исчезнува но постојат третмани кои може да ги ублажат симптомите, да го забават напредокот на болеста и да ја подобрат вашата способност да останете активни. Исто така, постојат третмани за спречување или лекување на компликации од болеста. Третманите вклучуваат:

Промени во животниот стил

  • Ако сте пушач, да се откажете од пушењето е најважното нешто што можете да го направите за ублажување на ХОББ
  • Избегнувајте пасивно пушење и места каде што може да вдишете други надразнувачи на белите дробови
  • Побарајте од вашиот лекар план за оброци што ги задоволува вашите нутритивни потреби.

Прашајте и колку физичка активност можете да правите. Физичката активност може да ги зајакне мускулите кои ви помагаат да дишете и да ја подобрите вашата целокупна благосостојба

Лекови

  • Бронходилататори: Тие служат за опуштање на мускулите околу дишните патишта. Ова им помага да се отворат и го олеснува дишењето. Повеќето бронходилататори се примаат преку инхалација. Во потешки случаи, инхалаторот може да содржи и кортикостероиди за да се намали воспалението.
  • Вакцини против грип и пневмококна пневмонија (Streptococcus pneumoniae): Лицата со ХОББ се изложени на поголем ризик од сериозни проблеми од овие болести
  • Антибиотици ако имате бактериска или вирусна инфекција на белите дробови.

Терапија со кислород

Се користи ако имате тешка ХОББ и ниски нивоа на кислород во крвта. Терапијата со кислород може да ви помогне да дишете подобро. Можеби ќе ви треба дополнителен кислород постојано или само во одредени периоди.

Третманот на пациентите со ХОББ е комплексен и во нивното лекување треба да бидат инволвирани специјалисти (пулмолог, физиотерапевт и нутриционист) кои директно треба да соработуваат во индивидуалниот третман на пациентот. Само соодветната комбинација од третмани и совети од различните специјалисти може да влијае на успешноста на лекувањето на пациентите со ХОББ.