Синдром на скршено срце- Broken Heart Syndrome

Дневна доза здравје

октомври 27, 2014

Синдром на скршено срце- Broken Heart Syndrome

Синдромот на скршено срце за прв пат е опишан во Јапонија во 1990 година. Овој синдром честопати се нарекува и стрес индуцирана кардиомиопатија или takotsubo кардиомиопатија. Причината за појавата на овој синдром е екстремен емоционален или физички стрес, кој води до изразена, но честопати краткотрајна срцева слабост. Најчесто се работи за претходно комплетно здрави индивидуи. Стресови асоцирани со појавата на оваа кардиомиопатија се тешки болести, хируршки процедури, астматичен напад, коронарен стрес тест, сообраќајна незгода, неочекуван губиток на блиска личност, интензивен страв, јавен настап, неочекувана вест, природни катастрофи и сл. Овој синдром процентуално е позастапен помеѓу женската популација, отколку кај машката. Студиите покажале дека жените во климактериум се поизложени на ризикот од настанување на овој синдром поради намаленото ниво на естрогени хормони во крвта. Точниот механизам на настанување на овој синдром не е докрај разјаснет, но сепак, во основата лежи ексцесивна продукција на хормоните на стресот како што е адреналинот во краток временски интервал. Основен симптом е болка во градите и отежнато дишење. На ЕКГ се среќава СТ сегмент елевација, покачено ниво на срцеви маркери во крвта и апикална акинезија со апикално балонирање на левата комора за време на систола, како ехокардиографски наод со изглед на такотсубо или јапонски сад за ловење на октоподи од каде што доаѓа името на овој синдром.

Честопати овој синдром некои доктори погрешно го дијагностицираат и третираат како акутен коронарен синдром поради сличните симптоми и резултати од крвните анализи. Разлика помеѓу овој синдром и акутниот коронарен синдром е брзиот пик на срцевите маркери кои пократко се задржуваат покачени во крвта, и наодот од коронарната ангиографија кој не дава податок за запушување на крвни садови на срцето . Кај повеќето од луѓето има брзо и целосно опоравување, ако навреме се дијагностицира и правилно лекува.