Споделени искуства помеѓу физиотерапевтите од земјата и регионот

Настани

декември 6, 2017

 

Специфичните физиотерапевтски пристапи и методи кои се применуваат во Жан Митрев Клиник побудија голем интерес кај учесниците на семинарот“ Клиничка физиотерапија“, организиран од Македонското физиотерапевтско здружение.

На семинарот што се одржа на 1 декември, 2017 во Жан Митрев Клиник учествуваа над 100-ина физиотерапевти од Македонија и околу 40 гости. Специјален гостин беше претседателката на Хрватското физиотерапевтско здружение дипл. Фт, Снјежана Бенко која презентираше нивно искуство за „Квалитетот на животот и поддршката на членовите на семејството кај критичните пациенти во домашна средина“.

„Ова е тема која треба да биде пошироко третирана и на која треба заеднички да работиме. Со Македонското здружение на физиотерапевти и до сега имаме одлична соработка која ќе ја унапредуваме на теми кои се од заеднички интерес“, изјави Бенко по завршувањето на првиот ден од семинарот.

Во разговорот го истакна воодушевувањето од бројот на учесниците и нивниот интерес што потврдува за атрактивноста на изборот на теми кои беа презентирани на настанот. „Респираторната физиотерапија е многу уникатен пристап и им честитам на колегите кои тоа успешно го прават со години во оваа прекрасна болница. Ова е метода која е малку применлива во Хрватска и во регионот, а резултатите кои ги дава истата се значителни за брзата рехабилитација на пациентите. Исто така она што е за поздравување во праксата на оваа болница е тесната поврзаност на докторите со физиотерапевтите, поддршката која ја даваат докторите е многу импресивен пример. Од останатите предавања би ја издвоила и презентацијата за слип апнеата кај деца за која зборуваше д-р Благица Манчева, педијатар во болницата. Во целост, секое од предавањата имаше некоја специфика, што е за поздравување“, дополни таа.

Следниот ден, на 2 декември се одржа и работилницата за „Неинвазивна механичка вентилација“ на која присуствуваа 35 учесници физиотерапевти, медицински сестри и доктори. Присутните имаа можност освен теоретски да се запознаат со основите на неивазивната механичка вентилација како и практично да ги пробаат и модусите за вентилација ЦПАП и БИПАП.

„Македонското физиотерапевтско здружение е формирано во јуни 2017 година и во периодот од шест месеци успеа да се промовира како здружение кое има за цел да ги следи светските достигнувања во областа на физиотерапијата. Работата на здружението е препознаена од 120 физиотерапевти кои се наши членови. Овој семинар е прв во нашата програма и сме задоволни од посетеноста на колегите од Македонија, но и од гостите од Црна Гора, Хрватска и Грција кои на овој настан му дадоа и меѓународен предзнак. Големата посетеност е наша мотивација за да продолжиме со организација на вакви, но и слични едукативни настани. За наредната година веќе се закажани голем број на курсеви, со различни мануелни техники, кои за прв пат ќе се одржат во Македонија. Македонското физиотерапевтско здружение го има ексклузивното право со дел од светските асоцијации за промоција на сите нови техники на територија на Македонија.

Во името на раководството на здружението сакам да изразам голема благодарност до д-р.Митрев за поддршката во организацијата на овој настан, но воедно и голема благодарност за развојот на физиотерапијата во Македонија преку следење на сите технолошки достигнувања во светот кои ги имаме како услови ние физиотерапевтите во Жан Митрев Клиник“, рече Блаже Арсов, претседател на здружението и физиотерапевт во болницата.