00389 2 3091 484
октомври 10,2016
На оваа конференција, покрај тренд темата – управување со правните ризици, внимание се посвети ѝ на останатите теми како што се: правните технологии кои веќе започнаа и да нè заменуваат во работата, правниот дизајн бидејќи дизајнот е присутен и во правото преку дизајнирање на процесите, човечкиот капитал, особено со младите школувани правнци и како тие да влезат во правните процеси.
Пред учесниците на најголемиот правен настан во регионот, на вториот ден од Меѓународната Конференција за управување со правни ризици: правни трендови, во организација на „Академик“, свое излагање имаше најпознатиот македонски кардиохирург, академик д-р Жан Митрев.
Во својата презентација, д-р Митрев акцентот го стави на начинот на кој се справуваше со предизвиците и со правните ризици при основањето на Специјалната болница по кардиохируршки болести „Филип Втори“, реномирана институција од здравството во нашата држава на која што тој е основач, сопственик и менаџер.
-Бев истраен во својата намера да ја остварам мојата најголема желба да создадам институција по сите светски стандарди која ќе нуди беспрекорни услуги на пациентите, иако бев свесен дека ќе се судрам со различни фактори кои ќе се обидат да ја спречат мојата замисла, рече д-р Митрев во неговиот говор пред многубројната публика.
Дел од тие фактори, како што посочи во периодот кога се обидувал да ја постави на нозе во Македонија, биле неефикасниот правен систем, наследените закони од поранешна Југославија и несредената правна регулатива.
-Средената регулатива е суштинска за функционирање на една медицинска установа, додека пак правните ризици, како и сите други, особено во околности каде што нема доизграден правен систем, каде што влегувате први во еден простор кој е многу нестабилен, во кој нема дефинирани правци, се како да влезете во џунгла и едноставно не знаете од која страна што ве чека. Правната регулатива внатре во самата болница претставува столб кој дава сигурност и кој е основа за функционирањето на реномираната здравствена институција. Ова за мене е големо искуство, на ваков собир да се измешаат специјалностите е вистински успех. Размента на искуствата кои се случуваат на оваа Конференција се од огромно значење за сите нас. Значи мојот впечаток е повеќе од позитивен, а немам зборови за организацијата. Голема благодарност до целиот тим на Академик“, истакна д-р Жан Митрев.