Светска недела за рационална употреба на антибиотици

Настани

ноември 19, 2019

Светска недела за рационална употреба на антибиотици

17-20 Ноември 2019

„Иднината на антибиотиците зависи од сите нас!“ – со ова лого се одбележува светската недела за рационална употреба на антибиотици во 2019 г. Пораката јасно кажува дека нам ни останува обврската да ги чуваме антибиотиците, бидејќи не можеме да ги сметаме за наследени од нашите предци, туку за позајмени од идните генерации.

Секој ноември, Светската недела за рационална употреба на антибиотици (WAAW) има за цел да се зајакне свесноста за антимикробната резистенција како глобална појава, како и да се зајакне примената на најдобрите практики меѓу општата популација, здравствените работници и носителите на здравствени политики во насока на забавување и спречување на развој и ширење на антимикробната резистенција.

Р.С. Македонија го одбележува 18 ноември – Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици од 2008 година, како и Светската недела за рационална употреба на антибиотици од нејзиното воспоставување во 2015 година.

Оваа година на иницијатива на фармацевтите од ПЗУ Zan Mitrev Clinic и секцијата за клиничка фармација при Македонското фармацевтско друштво, фармацевтите беа активно вклучени преку реализација на 5 -тиот едукативен семинар „МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН ПРИСТАП ВО УПРАВУВАЊЕ СО АНТИБИОТИЦИТЕ“ во одбележувањето на неделата за рационална потрошувачка на антибиотици на 18.11.2019.

Семинарот беше доста опширен и богат со предавања од професори од фармацевтскиот факултет, лекари од јавно здравство, клиничари и микробиолози како и фармацевти од пракса.

Вовед во семинарот дадоа покрај претседателите на Фармацевтска комора и Македонско фармацевтско друштво и Доц. Д-р. Голубинка Бошевска национален координатор на мулитисекторската комисија за АМР антимикробна резистенција.

Ние како клинички фармацевти од Zan Mitrev Clinic дадовме целосен осврт на мерките и активностите кои ги имаме преземено во управување со антибиотиците во нашата установа. Придобивките од вклучување на фармацевтот во тимот за управување со антибиотици од 2017 година се евидентни не само со огромни финансиски заштеди туку и целосна контрола и безбеден антибиотски третман на пациентите согласно интернационални стандарди. Одлуките за администрација на антибиотици се базираат врз строго определени упатства и индикатори за квалитет кои влијаат врз позитивниот исход од терапијата кај нашите пациенти. За секој пациент пропишаната антибиотска терапија индивидуално се проверува за соодветност согласно возраст, телесна тежина и лабораториски параметри. Се следи концентрацијата на антибиотиците во крвта за корекција на дозата согласно индивидуалните карактеристики со цел оптимизирање на истата и намалување на несаканите ефекти врз пациентот. Можеме со гордост да се пофалиме дека интервенциите кои се спроведуваат во строгата контрола и управување со антибиотиците со во ранг на светските стандардизирани болници.

Цел на нашата презентација на овој семинар беше преку практичен приказ на позитивните трендови од контролираното антибиотско користење да се споделат и пренесат позитивните искуства на другите колеги клинички фармацевти и да се поддржат со целото наше знаење и ресурси да ја пренесат таа позитивна пракса во своите здравствени установи.