00389 2 3091 484
ноември 11,2022
Во нашата клиника во континуитет се изведуваат комплексни интервенции од областа на кардиохирургијата. Една од нив е ТЕВАР (торакална ендоваскуларна аортна реконструкција). Во светот, а и во нашата клиника за првпат во Македонија, како новитет, од пред десетина години се воведоа и се изведуваат ТЕВАР процедури. ТЕВАР процедура е еден од најсовремените и најбезбедни начини на лекување на аортните аневризми и дисекции. Интервенцијата всушност претставува вградување на аортна протеза (обложен аортен стент, од синтетски материјал), за третман односно премостување (исклучување) на хронична аневризма, трауматска псевдоаневризма или за реканализирање на вистинскиот лумен при аортни дисекции. Оваа постапка е значајно побрза и помалку трауматична за пациентот, проследена со значително помалку постинтервентни компликации во однос на отворената класична аортна хирургија.
Поради сложеноста и итноста на интервенцијата, а со цел да се спаси животот на пациентот, често е клучна и брзината со која ќе се пристапи кон решавање на овој проблем.
Самото постоење на аневризми (проширувања) на градната аорта или акутни и хронични аортни дисекции се медицински состојби кои се одликуваат со зголемен ризик за пациентот од ненадејна руптура (прскање) на аортата, која најчесто фатално завршува, поради искрварување, без можност за интервенција.
Оперативните лекувања на аневризмите или дисекциите на градната аорта се едни од најпредизвикувачките операции за секој модерен кардиоваскуларен центар, при што ризикот од компликации е голем, дури и во развиените центри каде што се изведуваат голем број вакви операции.
Нашиот интердисциплинарен тим кој работи ТЕВАР процедури го сочинуваат: д-р Ѕвонко Атанасов – интервентен радиолог, д-р Никола Христов – кардиоваскуалрен хирург, д-р Вилма Ампова Соколов – интервентен кардиолог, д-р драгица Вучкова – анестезиолог, како и инструментарки, сестри и радиолошки технолог.
Кај прикажаниов случај се работи за пациент со Марфан Синдром, состојба после замена на аортна валвула со механичка протеза (направена во 2009), состојба после операција – замена на аорта асценденс и хемилак со Албографт протеза заради акутна Станфорд А (ДеБејки тип 1) дисекција на аортата, реоперација – замена на комплетен аортен лак до торакална аорта како Елефант транк со протеза (10/2020), состојба после ТЕВАР х 2 (2021).
На контролниот МСКТ преглед се детектира хронична аневризма на лажниот лумен на десцендентната торако-абдоминална аорта заради ретроградно полнење од присутни големи ре-ентрија во висина на излезиштата на реналните артерии.
Затоа, кај пациентот во прв акт беше направен висцерален дибренчинг од страна на д-р Жан Митрев, односно оперативно бајпасирање од левата заедничка илијачна артерија до трункус целијакус, до артерија мезентерика супериор и до двете бубрежни артерии. Потоа, по неколку дена, а по претходно направени мерења и нарачана аортна графт протеза, во втор акт се имплантира аортната протеза, со што интервентно се ремоделира торакоабдоминалната аорта, односно се затворија ре-ентријата а со цел оневозможување на ретроградно полнење на лажниот лумен на аневризмата.
После оваа интервенција, пациентот се очекува да замине дома по 2 дена.