00389 2 3091 484
септември 22, 2022
Основната терапија во лекувањето на лимфедем и неговите компликации е компресивната терапија. Таа се изведува со помош на различни еластични и нееластични материјали. Тие поради свои особености создаваат активна или пасивна компресија кај пациентот и тоа како при движење така и/или при мирување. Изборот на завојот зависи од степенот на сериозност на лимфедемот. Притисокот под завојот може да биде различен во зависност од: користениот материјал, употребената сила за компресија, бројот на слоевите кои се користат, како и од начинот на кои се изведува бандажирањето. Компресивната терапија по дефиниција претставува апликација на различни материјали на дел од телото со одредена сила. Притисокот кој се применува го намалува едемот и го регулира лимфниот тек.
Меѓународна класификација на хроничен лимфедем:
Стадиум I – рана акумулација на течност збогатена со протеини – по елевација на екстремитетот, отокот се намалува, а зафатената регија е со скоро нормална големина и форма.
Стадиум II – со елевацијата на екстремитетот отокот не се намалува, станува тестест, а при притисок со прст останува вдлабнатина. Дополнително со тек на време, отокот повеќе не е тестест туку станува цврст поради фиброза при што доколку се притисне со прст не останува вдлабнатина.
Стадиум III – отокот е сунѓерест со видливи трофички промени на кожата. Примери: депозити на масти, брадавичести кондиломи, губиток на функција на екстремитетот, а во крајна фаза се јавува елефантијаза.
За спроведување на компресивна терапија се користат различни материјали со различни спецификации како на пример еластични или нееластични завои преку кои се постигнува потребната компресија за да се спроведе терапијата.
*Долгоеластични завои, тие се растегнуваат за повеќе од 100% и даваат активна компресија и при движење и во мирување. На истиот начин делуваат и кружно ткаените компресивни чорапи.
*Краткоеластичните завои, тие се со слична функција како и долгоеластичните, но нивното истегнување е нешто помалку од 100%.
*Нееластични материјали, тие се користат во мирување, кога пациенти не се движат, бидејќи даваат многу ниска или воопшто немаат никаква компресивна функција. Доколку пациентот се движи, при контракциите на мускулите, нееластичните материјали се крути, завоите се оние кои се ефикасни.
При мирување, притисоците под завојот се притисоци кои создаваат пасивна компресија. Кога пациентот се движи, притисоците под завојот ги нарекуваме работни притисоци т.е активна компресија. Тие притисоци се различни кај еластичните и нееластичните материјали. Кај долгоеластичните завои притисоците/компресијата под завојот се некаде околу 40 mm/Hg, а во мирување 30 mm/Hg. При мирување, јачината на притисоците под завојот или чорапите е голема и непожелна, затоа истите треба да се отстранат кога пациентот не се движи. Кај краткоеластичните завои притисоците во мирување се некаде до 15 mm/Hg веднаш по поставувањето, и потоа,поради растегнувањето на завојот, уште повеќе се намалува. Меѓутоа, кога пациентот се движи, активната компресија, поради истегнувањето на завојот е многу висока, и достигнува и до 50 – 75 mm/Hg.
Притисок под завојот зависи не само од материјалот туку и од бројот на слоевите, од силата која е користена при бандажирањето, од начинот на бандажирањето (осумка или циркуларно), и од меѓусебно препокривање на завојот.
Главните особини на завојот (акроним од англискиот PLACE):
За бандажирање при лимфедем се користат повеќеслојни системи од различни материјали со различен еластицитет/растегливост. На тој начин влијаеме на притисокот под завојот. За систем на компресија зборуваме кога употребуваме барем два различна завоја, кои се поставуваат еден над друг низ цела должина на бандажирањето. Системот е составен од компресивните завои и различни материјали кои се поставуваат под завојот. Едните имаат за функција да ја заштитат кожата, додека со другите можеме на различните делови на екстремитети да го зголемиме или намалиме притисок (ексцентрична и концентрична компресија).
Една од клучните особини на системите е индексот на крутост (stiffness Index), кој се дефинира како зголемување на притисокот под завојот на сантиметар кој пак настанува поради зголемување на обемот на екстремитетот. До зголемување на обем доаѓа кога се придвижуваме од легната позиција во стоечка положба. Обемот на потколениците се менува и кога од седечка позиција ги движиме стопала горе – долу. Статичкиот индекс на крутост SSI е разлика помеѓу тие два притисока. Кога се зголемува притисокот за повеќе од 10 mm/Hg меѓу лежечка/стоечка позиција, тогаш е SSI висок. Тоа се случува кај користење на нееластични материјали. Кај еластичните материјали разликата е во притисоците под 10 mm/Hg и тие имаат низок SSI.
Кај лимфедем во стадиум I може да се користат и долгоеластични и краткоеластични завои. Кај стадиумите II и III се употребиуваат само краткоеластични завои.
Компресивната терапија со краткоеластични завои е основна терапија кај лимфедем и едеми од друга етиологија. Истата се користи за компресија во фаза на деконгестија со цел намалување на едем. Таа се изведува со долгоеластични или краткоеластични завои, во зависност од стадиумот на лимфедем. Во втора фаза – за одржување на едем – за компресија можат да се користат нелепливи краткоеластични завои или медицински компресивни ногавици.
Во клиничката болница Жан Митрев на располагање ви е тимот физиотерапевти кои се соодветно едуцирани за третман на лимфедем и неговите компликации. Третманите се изведуваат со специјални компрезивни завои од производната програма на Лохман и Раушер. За да закажете термин кој ќе ви одговара јавете се на 02/3091-484
Олгица Димитров – дипломиран физиотерапевт